Шарпланинските села со повисока снежна покривка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Врнежите од снег во тетовскиот регион создадоа повисока снежна покривка во повисоките планински места и села.  Според информациите на жителите на Шипковица таму има околу 30-тина сантиметри снег, додека во градот надминаа десетина сантиметри.

Жителите од Шипковица велат дека се работи на расчистување на снегот од општинските служби, но сметаат дека тоа треба да биде поефикасно.

-Не сум задоволен од чистењето на снегот. Цела вечер врне, ако не поминат во пет часот, што ми треба во 12 часот да чистат. Бидејќи беше неисчистено сабајле не сум можел да излезам со возило и да одам на работа. Не сум отишол на работа.  Ние сме во планина, има над 30 сантиметри снег. Цел ноќ треба да работат машините за да биде се како што треба, изјави Зеќирија Ќазими, жител на Шипковица и поранешен член на месна заедница.

Пред десетина дена градоначалникот Биљал Касами информираше дека ЈКП Тетово со помош на приватна компанија ќе го врши отстранувањето на снегот, но токму таа точка на дневниот ред не помина на вчерашната седница на Советот.

–ЈКП Тетово, во рамки на можностите и механизацијата со кои располага, целосно е ставена на располагање за чистење на патиштата од снежни врнежи во општина Тетово. Секој терен е целосно покриен со потребната механизација, додека најголема концентрација на нашиот потенцијал има на патиштата кои ги поврзуваат градот и  висорамните села. Досега секој пат е расчистен, а втората фаза продолжува со отстранување на снегот со цел проширување на патиштата за слободно движење на возилата. После 15:00 часот ќе се започне со трета фаза (фрлање сол и песок). Во моментов имаме приближно 500 тони сол и 3000 тони песок. Нормално, полесно би се менаџирала целата ова ситуација доколку вчера Советот на општината да донесеше заклучок за префрлување на сите надлежности на ЈКП Тетово за ова прашање, но и покрај тоа правиме се за да го решиме предметниот проблем, информираа од Општина Тетово.

Во поширокото тетовско подрачје дејствуваат екипи на тетовската секција на јавното претријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“.

-Се чисти според прироритети. Прво на автопатите кон Скопје и кон Гостивар, потоа регионалниот пат Тетово-Јажинце, Тетово-Попова Шапка и останатите регионални патишта. Засега дејствуваме со три камиони на првите три делници според листата на приоритети. Деловите од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар кои се во наша надлежност се исчистени и сообраќајот се одвива без застој.Расчистувањето на магистралниот пак кон Јажинце оди малку потешко бидејќи во овој регион има наврнато 20-тина сантиметри снег, но тој е кашест и е многу тежок па затоа чистењето оди побавно. Исто така прооден е и патот кон Попова Шапка каде во овој момент има преку 40-тина сантиметри снег, изјави Дејан Јовановски од тетовската подружница на „Македонија пат“.

На тетовскиот булевар „Илинденска“ интервенирано е на отстранување на дрвјата кои биле оштетени како последица од снежните врнежи.