Шест лица заработија кривични пријави – незаконски реализирале посвојување на дете

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи информираше дека шест лица, од кои четири од Скопје, и по едно од Куманово и од Тетово, добиле кривични пријави, поради незаконско реализирање на посвојување на дете. Тие делото го извршиле во текот на 2024 и 2025 година.

„Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Ф.А.(63), Ѓ.К.(57), И.Ш.(35), Џ.Ш.(35), сите од Скопје, како и против С.Ј.(35) од Куманово и И.А.(38) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“. Во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. го извршиле делото по пат на незаконско посвојување на новородено бебе. Имено, Ф.А. користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставила контакти со заинтересирани брачни парови. Додека, Ѓ.К., по претходен нивен договор, а поради избегнување на процедурата за посвојување на деца согласно Законот за семејство, ја користела нивната бременост, тешка материјална и социјална состојба. Имено, поради тоа што не можеле да се грижат за нивните новородени деца, ги доведувала родителите во заблуда и ги убедувала да реализираат за одреден паричен надомест и други бенефиции незаконско посвојување на нивното новородено бебе.

На тој начин успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со нејзиниот невенчан сопруг И.А., за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи да реализираат незаконско посвојување на нивното новородено бебе. По отпуст од болница, С.Ј. и нејзиното бебе биле прифатени од Ф.А. и превезени до нивниот дом каде пристигнале пријавените И.Ш. и Џ.Ш. и во својство на „посвоители“ го земале бебето и го однеле во својот дом. Во врска со наведеното, на 17.10.2025 бил склучен договор за заем на 500 евра помеѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач, кои истиот ден му биле исплатени на И.А. како надомест за незаконито посвојување на нивното бебе. Од судија на претходна постапка на лицата им е определена мерка домашен притвор“, стои во соопштението на МВР.