Објавени се четири јавни огласи, но сè уште не се знае кога приватните автобуси ќе се вклучат во јавниот превоз. Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници за ТВ21 изјави дека денеска повторно ќе се сретнат со претставници на Град Скопје, но одби да зборува пред камера.
„Денеска повторно ќе се сретнеме. Немам што да ти кажам без средба. Претходните најави имаа одредени недостатоци, но денеска повторно ќе разговараме за да се најде решение. Што се однесува до подмирувањето на долговите, ЈСП почна да врши делумна исплата, очекуваме наскоро да биде завршена. Не знам кога повторно ќе бидеме дел од јавниот превоз“, вели Јовица Зафировски.
Го прашавме Град Скопје дали досега некој се пријавил на последниот оглас, зошто пропадна претходниот и која е причината за денешната средба, но оттаму ни дадоа краток одговор.
„За денеска не е планирана официјална средба“, велат од Град Скопје.
Последните два огласи се идентични, додека според договорот што во март го постигнаа приватните превозници и Град Скопје, на почетокот на април требаше да почнат со работа.
„Ќе има 3 јавни повици со 3 пакети и ќе бидат вклучени сите линии, само ќе има редефинирање на линии. Сите ќе се пријавиме на тие јавни повици, нема зошто да не се пријавиме, условите ни одговараат“, порача Јовица Зафировски.
И покрај тоа што Зафировски вели дека почнало делумното плаќање на долгот, од ЈСП кои негираа дека имаат долг кон нив не одговараат дали почнало или кога долгот ќе биде целосно отплатен. Инаку, од ноември 2022 година јавниот превоз сообраќа со намален број автобуси.