Екс градоначалникот на Град Скопје и адвокат, Петре Шилегов јавно бара оставка од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.
„Да! Барам оставка на ‘претседателот’ на СДСМ!“, напиша Шилегов во својот статус, додавајќи дека во текот на само седум минути добил повеќе од 50 телефонски повици за појаснување на неговата позиција.
Претходно, Шилегов во друг статус се осврна на одговорноста за „убиство“ и на однесувањето на партијата:
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла! Или тешка Ви е одговорноста? Или Ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош! Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави…“, напиша Шилегов.
Вчера се одржа и седницата на Централниот одбор на СДСМ, на која беше избрано новото партиско раководство. Нови потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска, а според најавите членовите на Извршниот одбор се составени од искусни и млади лица. Во рамките на тимот е формиран и Антикорупциски тим, кој ќе се занимава со разоткривање на наводните корумпирани шеми на актуелната власт.
На седницата се нагласуваше дека новото раководство е подготвено за „храбра и многу одлучна борба со ненародната и корумпирана власт“ и дека ќе се работи на враќање на власта во рацете на граѓаните.
Сепак, според извори од партијата, многу членови на СДСМ не биле задоволни од изборот на Филипче.
