Шилегов: Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус“ за противпожарната скала, нема конфликт на интереси

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ние немаме деловен однос со скопската фирма преку која е набавена противпожарната скала „Армор плус“. Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус“, и оттука не постои конфликт на интереси, рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. 

Тој на брифингот со новинари во врска со набавката на противпожарната скала, посочи дека фирмата „Армор плус“ има добиено само два договора за противпожарната опрема, од вкупно 20 постапки и јавни набавки за потребите на Противпожарната бригада, во последните три години. 

Градоначалникот појасни дека Градот како институција нема многу избор за фирми кои на пазар работат со ваква специјална опрема. Во државата постојат само четири такви фирми. 

Тој посочи дека постапката за набавка на противпожарна скала е почната уште во 2017 година, изгласана е на Совет, ниту еден од советниците не гласал против. 

-Ние за скалата плативме 20 отсто аванс при склучување на договорот, остатокот ќе се плаќа на четири- пет месечни рати откако ќе се испорача скалата, рече Шилегов. 

Тој додаде дека испораката на скалата се очекува да биде некаде на крајот на мај или на почетокот на јуни. Се прават напори да стигне до 20 мај.

-Ние немаме деловен однос ниту со српската фирма посочена како одржувач и сервисер, ниту со скопската фирма. Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус“, и оттука не постои конфликт на интереси, рече Шилегов, откако од опозицијата денеска обвинија за нелегална набавка на возилото.

Инаку, како што рече, ова е прв вид на една ваква опрема во историја на државата. Противпожарната скала е наменета и за технички интервенции и за тешки сообраќајни несреќи. 

Додаде дека не е само скала, во прашање е сериозен квалитет на цела опрема која може да биде употребена и при други интервенции.  

-Лоша вест која се уште е актуелна е дека секој кој живее на петти кат не може да му се помогне во случај на пожар, барем не на начин соодветен на Противпожарна бригада. Но оваа наша опрема е опрема која ќе остане и во наредните 30 години. Се прават напори оваа опрема да стигне до 20 мај, рече Шилегов. 

Појасни дека оваа скала не е наменета исклучиво за градот Скопје, истата може да се искористи и за потребите во Велес, Куманово и другите градови во државата. 

Во однос на споредбата на новата противпожарна скала во Загреб, Шилегов рече во Загреб станува збор за петта или шеста скала по ред, не знаеме каков тип на опрема имаат претходните скали. 

Шилегов денеска во однос на обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за нелегална набавка, рече дека и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обични лажговци кои свесно манипулираат со јавноста.