Шокантно: 40% од младите до 18 години се пушачи, почнуваат уште на 13 години – експертите бараат итни мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Загрижувачки податоци за пушењето кај младите во Северна Македонија. 40% од младите до 18 години се пушачи, а најголемиот дел почнуваат уште на 13 години, покажува последното истражување на „Аналитика“, од каде повикуваат на построги мерки!

„Кај младите до 18 години, анализите ни покажуваат дека не им се забранува купување, односно потребно е поголемо почитување на законската регулатива. Дополнително, ако го разгледаме и фискалниот аспект, добро би било да се зголемат цените на новите производи што сѐ повеќе ги користат младите. Според нашите анализи, овие производи сѐ уште имаат ниски цени, па затоа има простор за зголемување на акцизата, со што би станале помалку достапни за младите“, рече Тамара Миовиќ-Спасова од „Think Tank“ аналитика.

Станува збор не само за класичниот тутун, туку и за новите методи, како што се електронските цигари, за кои исто така беше речено дека се штетни и треба да бидат опфатени со законот за заштита од пушење. Од „Аналитика“ бараат преку едукација да се влијае врз младите, за да сфатат дека пушењето е штетно во секоја форма.

Но, што преземаат училиштата, односно Министерството за образование, за да ја едуцираат младината?

„Во основното и средното образование, во различни предмети има теми за здравствено образование. Еве и една новина – годинава во седмо одделение е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“. Дополнително, оваа влада во новите законски решенија за основно и средно образование ги обврза училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, насилство, адолесцентна деликвенција, но секако и против злоупотреба на супстанции како што се тутунот, алкохолот и дрогата“, рече министерката Весна Јаневска.

Македонија се вбројува меѓу земјите со највисок процент на активни пушачи во светот. Според Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се пушачи, додека само 5% успешно се откажале од пушење во последните години. Токму затоа, од денешната работилница беше упатен апел да се даваат позитивни примери, за младите да разберат колку е лоша оваа навика и да не започнат со пушење.