Министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, ја повика Европската Унија да воведе ембарго за извоз на оружје во Израел додека трае војната во Појасот Газа, оценувајќи дека Унијата треба да покаже единство и решителност, како што направи во врска со војната во Украина.
„Европската Унија е најголемиот трговски партнер на Израел. Мораме да бараме од нашите европски партнери да престанат да продаваат оружје на Израел додека трае оваа војна“, изјави Албарес за телевизијата Блумберг.
Тој ја нагласи потребата ЕУ да биде доследна и повика на континуиран дијалог со Иран за неговата нуклеарна програма, изразувајќи загриженост поради недостатокот на знаци за деескалација меѓу Техеран и Тел Авив, објави Ројтерс.
