Шпионска афера во претседателската вила на Водно, сомневања за кражба на класифицирани информации

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради сомневања за шпионска афера во претседателската вила на Водно, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција објавува дека веќе пет месеци спроведува предистражна постапка за сомневања за нелегални активности во Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во вилата на Водно.

„Специјалната истражна единица ОЈОГОКК, по добиено известување на 18.12.2025 година од Министерството за внатрешни работи – Сектор за сајбер криминал, кое беше поврзано со настан што се случи на 24.11.2025 година и постоење на индиции за нелегални активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и беа преземени сите потребни мерки согласно законските овластувања. Како дел од постапката, до Основниот кривичен суд беше поднесено барање за издавање наредба за контрола на компјутерскиот систем, со цел да се утврди содржината за која постои сомневање дека е копирана без овластување од информацискиот систем во Кабинетот на претседателот. Издадени се и наредби за извлекување на податоци од персонални компјутери и лаптопи доставени до МВР од страна на Кабинетот на претседателот“, велат од Обвинителството.