Шидер со предлог за Скопје и Софија, европски историчари да се вклучат во комисијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неприфатлива е блокадата од Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија и тоа за билатерални прашања вели европратеникот Андреас Шидер. Во однос на амандманот доставен во Европскиот парламент со кој се осудуваше провокативниот говор на Софија, тој истакна дека е изненаден од тоа што немало мнозинство за негово усвојување но вели целта е постигната да се отвори расправа во која се обидувавме многу силно да го критикуваме однесувањето на Бугарија. Тој предлага неколку европски историчарите да се вклучат во заедничката македонско-бугарска комисија.

„Имам една сугестија доколку Историската комисија, која всушност и не работи, всушност е заглавена од политичкиот процес, можеби треба да најдеме двајца или тројца еминентни историчари од Европската унија кои ќе водат вистинска историска дебата без било какви внатрешно-политички димензии“, изјави Андреас Шидер Европратеник.

Шридер укажува дека историските дебати и ќор-сокакот не водат никаде, а оцени дека блокирањето на стартот на преговорите е контрапродуктивно.

„Зеленото светло за пристапните преговори е најдобриот пат да се решат секојдневните прашања, како што се соседските односи и воопшто севкупните односи за прогрес на земјите. Политичарите почнуваат да приготвуваат идентитетски прашања секогаш кога не се способни да одговорат на основните животни прашања како што се работа, економија, здравство, животна средина, образование и иднината на граѓаните“, додаде Шидер.

Европратеникот и воедно известувач за Македонија Илхан Ќучук повика да престанат да се градат ѕидови и дека иако е нарушена довербата меѓу Софија и Скопје, таа треба да се врати и фокусот да биде кон Договорот за пријателство.

„Секако билатералните прашања со Бугарија се важни и јас мислам дека доколку довербата е нарушена, единствениот начин да се вратиме повторно на маса е да ја обновиме довербата. Не ни е потребна националистичка реторика која доаѓа од двете страни. Треба да се смириме, треба да седнеме и да водиме разговори, базирани на Акцискиот план“, посочи Илхан Ќучук, Европратеник.

На брифингот на Шидер и Ќучук кој беше посветен на напредокот на земјава, беше оценето дека постои конзистентен напредок на реформи. Шидер воедно ја искористи можноста да оцени за слабата помош на Европската унија кон Македонија во однос на вакцините.