На 18 септември 2019 во Кривичниот суд за прв пат беа преслушани првите бомби за Монструм како нов доказен материјал. Имаше вкупно 38 илјади разговори и смс пораки. Но што всушност имаше во прислушуваните материјали и што сведочеа потоа тие што беа прислушувани?
Зоран Трајковски, полициски службеник беше еден од тие кој што се слуша во бомбите, кој околу 10 дена пред да се случи петкратното убиство кај Смилковското езеро се обидел на безбедносните служби да им даде информации дека нешто непријатно може да се случи во земјава.
„10 дена пред убиството од два извори добил информација дека околу Велигденските празници ќе се случи и инцидент во кој треба да настрадаат невини луѓе. Ми кажаа дека ќе биде нападната полициска патрола или невини луѓе. Не им ги кажав изворите, но во ниту еден момент не се споменуваше Смилковското Езеро“, истакна Златко Трајковски.
Синиша Алексовски, екс советник за национална безбедност во кабинетот на екс претседателот Ѓорге Иванов, сведочел дека информацијата на Трајковски била само вербална интерпретација а не потврдена информација.
„Секогаш пред верски празник се следат стандардните оперативни процедури. Се собираат податоци за намери за терористички упади од екстремисти кои можат да извршат напади на верски објекти. Стигаа известувања од полициски службеници, воени лица, овластени лица во УБК. Во еден од тие имав полициска дојава на податок, односно интерпретација на податок од страна на полицискиот службеник Зоран Трајковски, кој кажал дека има група која се движела по планините и може да изврши напад на полициска станица. Тоа беше усна информација и никогаш не беше во пишана форма“, вели Синиша Алексовски.
Се слушна и екс директорот за Јавна безбедност Љупчо Тодоровски познат како Радник, а кој негираше дека имал сознанија дека ќе се случи Монструм и дека го малтретирал обвинетиот Хаки Азири дека треба да сведочи за Монструм.
„Со еден збор сум немал контакт со него, посебно пред случајот“, додава Љупчо Тодоровски.
Начинот на кој се убиени младите момчиња во предметот Монструм и напуштањето на автомобилот во близина на границата со Косово покажува дека делото го извршиле професионалци. Ова се дел од пораките кои во тоа време биле разменети меѓу екс министерот за внатрешни работи Џељал Бајрами и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Јасно се гледа дека биле професионалци. Му реков и на премиерот. Никогаш не се случило да бидат егзекутирани деца од зад грб. Доколку некој сакал да предизвика дестабилизација би нападнал лица во униформа или полициска станица. Биле професионалци кои не оставиле никаква трага освен трагите од гумите на автомобилот“, посочи Џељал Бајрами.
На прислушуваните разговори општо се слушаше за начинот на кој е извршено убиството, кои можеле да го извршат убиството, за екстрадицијата на двајцата првообвинети, дека убиството е работа на професионалци и дека тешко ќе се пронајдат тие кои го сториле делото. По „бомбите“, од политичарите кои сведочеа беа Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Блерим Беџети, Зоран Заев, Муса Џафери, Бујар Османи и други кои изјавија дека не се сеќаваат на случајот и дека делувале според законските уредби.
Пресудата за обвинетите на Монструм ќе се однесе на 23 февруари за обвинетите Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ, Хаки и Фејзи Азири, а за Сами Лута се бара ослободување од обвинението. На 24 ноември 2018 судот донесе одлука преметот Монструм да се врати на повторно судење поради недостаток на силни докази за случајот.
