По победата на поранешниот бугарски претседател Румен Радев, на предвремените парламентарни избори што се одржаа вчера во Бугарија, се проценува дека ќе има 130 пратенички места. Ова ќе биде му биде доволно на Радев со неговата коалиција Прогресивна Бугарија сам да формира Влада.
-Треба да знаете дека Бугарија ќе вложува напори да остане на европскиот пат, но, верувајте ми за силна Бугарија и силна Европа е потребно критичко мислење и прагматизам, бидејќи Европа стана жртва на сопствената амбиција да биде морален лидер во светот без правила, изјави Румен Радев, претседател на Прогресивна Бугарија.
Радев кој во односите со Македонија се смета за личност со тврди ставови доби честитки од македонските политичари, но и пораки дека се очекува од него да има омекнување на дијалогот. Прв утрово телефонски му честитал премиерот Мицкоски со порака за надминување на отворените прашања. Претседателката Гордана Силјановска Давкова вели дека со Радев досега не наишле на разбирање, а не му го заборави и инцидентот со македонското знаме.
-Сум го запознала господинот Радев, многу пати сум го сретнала, не се согласуваме за полно работи но умееме да се сослушаме. Очекувам да се видиме, да разговараме, се разбира со двете знамиња и да трагаме по ново решение, изјави претседателката Силјановска Давкова.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најави динамика по контактите со Бугарија веднаш по формирањето на Владата.
-Ние веднаш по формирањето на Владата ќе преземеме соодветни дејствија и мерки за развивање на дијалог и се надеваме дека може да се најде некое соодветно праведно решение коешто ја потврдува нашата желба за напредок кон евроинтеграцискиот пат но земајќи ја во предвид и самопочитта кон нашиот идентитет, јазик и историја, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши се надева дека Бугарија конечно ќе има стабилна влада со која ќе ги затвориме прашањата со нашиот источен сосед. Во однос на уставните измени Гаши рече дека Собранието ќе ги донесе уставните измени, но претходно да имаме гаранции од Бугарија.
-Европскиот пат е дел од нашата агенда но дилемите кои ги имаме треба да ги решиме со стабилна политичка Влада. Се надевам дека нив ќе ги надминеме и дека ќе го фатиме првиот воз за проширување и да бидеме дел од тој процес. Собранието е веднаш подготвено за донесување на уставните измени, но е потребно да има договор дека во иднина ќе нема такви прашања за идентитетот, вели претседателот на Собрание, Африм Гаши.
Радев изборите во Бугарија ги доби по огромното незадоволство на граѓаните и масовните протести поради од високото ниво на корупција, што доведе неколку години наназад да има политичка криза и да не може да се состави Влада. Тој претходно поднесе оставка на функцијата претседател на Бугарија по што ја формира и партијата со која излезе на изборите.
