Иако сметаат дека одлуката на судот за забрана на одржување на штрајк е нелегитимна, контролорите на летање сепак ќе ја почитуваат. Александар Тасевски, претседател на струковиот синдикат на контролорите на летање вели дека не добиле никакво известување, ниту покана од судот за поднесената тужба од раководството на М-НАВ за запирање на штрајкот, а за одлуката на судот дознале од медиумите. Нивниот адвокатски тим веќе подготвува жалба во која велат дека ќе ги наведат сите аргументи против таквата одлука на судот.
„Ние мораме да го почитуваме решението на судот, ќе ги известиме М-НАВ дека нема да има штрајк, дека ќе го ставиме штрајкот во мирување, меѓутоа нема да се откажеме и дефинитивно ќе продолжиме со некои други активности и ќе најдеме начин да направиме се што е потребно за да ги оствариме нашите барања“, изјави Александар Тасевски.
Од Синдикатот велат дека тие своите барања ги доставиле до раководството уште во 2023, но поради нивно неисполнување постојано закажувале штрајкови, па ги откажувале. По доаѓањето на новото раководство им било речено дека тие ништо не можат да прифатат и дека се ненадлежни за нешто што се случувало со претходното раководство. Во врска со одлуката на судот Тасевски презентираше и документи дека постапка за мирно решавање на спорот имало како и дека сите нивни барања произлегуваат од Законот за работни односи, а воедно бараат и подобри услови при работа.
„Сите точки го тангираат Законот за работни односи каде што се повикуваме на одредби кои што ги регулираат ноќната работа, одредбите кои што регулираат условите за работење на вработените во компанијата, условите кои што се за исплата на тие надоместоци кои што се предвидени со Закон и Колективен за ангажмани кои што се доделуваат на самите вработени така што буквално нема ни една точка која што е надвор од оние прописи во државата.“, вели Тасевски.
Вчера од раководството на М-НАВ соопштија дека судот донел одлука за забарана за одржување на штрајкот на Контролата на летање кој бил закажан и покрај, како што наведоа, неисполнување на постапката за мирно решавање на колективните спорови и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работни односи.