Шведска ѝ предава на Украина 16 борбени авиони „Грипен“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведска потврди дека ќе ѝ пренесе на Украина 16 борбени авиони „ЈАС 39 Ц/Д Грипен“, во рамки на воената поддршка за Киев во војната против Русија.

Според официјалните информации, испораката на авионите се очекува да започне на почетокот на следната година.

Истовремено, најавени се и преговори за продажба на дополнителен број понапредни авиони „ЈАС 39Е“, кои се сметаат за модернизирана верзија на флотата „Грипен“ со подобрени борбени капацитети.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина очекува да ги добие првите авиони „Грипен“ со свои пилоти во периодот декември–јануари.

Тој нагласи дека авионите ќе бидат опремени со целосно вооружување, вклучително и ракетите „Метеор“, кои, според него, имаат дострел до 100 километри.

„Веруваме дека ќе ги оттурнеме руските авиони и тие нема да можат масовно да ги користат лизгачките бомби. Тоа е најважното“, изјави Зеленски.

Тој додаде дека постојат и други важни елементи од договорот кои засега не можат да бидат јавно објавени, оценувајќи го овој развој како значаен момент за воздушната одбрана на Украина.