Шверц на луксузни автомобили, 10 лица кривично ќе се гонат, меѓу нив и двајца службеници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

10 лица ќе ги следат истражните органи поради сомнение дека шверцувале луксузни автомобили во земјава. Основното обвинителство Скопје ќе поведе истражна постапка против групата, која учествувала во шверц, фалсификување исправи, како и прикривање стока што е предмет на шверц и царинска измама. Се сомнева дека автомобилите се украдени надвор и тука се правеле манипулации за да се продаваат.

„Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници. Меѓу осомничените се две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата“, велат од ОЈО Скопје.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за текот на акцијата бил известен од полициски службеници од Единицата за брза интервенција во Ѓорче Петров.

„Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава.“, потенцираше министерот Тошковски.

Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното обвинителство Скопје и грчките власти, кривичното гонење ќе биде префрлено во Република Грција. Рациите ги извршиле припадници на МВР.