Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамки на Седмиот состанок на Европската политичка заедница којшто се одржува во Копенхаген, Данска.
Споменувајќи ги војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани, односно организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како предизвици за мирот и стабилноста на Европа, Сиљановска-Давкова истакна дека државава во сите горенаведени случаи прави напори да делува конструктивно.
Истовремено, таа посочи дека европскиот континент не е безбеден сè додека земјите од Западен Балкан се надвор од Унијата и додаде дека евроинтеграцијата на регионот мора да се заснова исклучиво на Копенхагенските критериуми.
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, Сиљановска-Давкова потенцираше дека не е логично ЕУ себеси да се дефинира како „единство на различности“ и почитување на културните, јазичните и националните идентитети, а од нас да бара да преговараме за својата историја, култура и јазик.
Затоа, заклучи во своето обраќање претседателката ,,Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум”.
Претседателката Сиљановска-Давкова учествуваше и на настанот организиран од францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони по повод презентацијата на иницијативата на Француската Република за формирање на Европска коалиција против дрогата (ECAD).
Во рамки на дискусијата претседателката истакна дека на единството на картелите треба да се одговори со поцврсто единство и соработка на европските земји и дека тоа е можно само со интеграција на Западен Балкан во ЕУ.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на панел дискусијата.
Овде сме собрани за да изнајдеме заеднички решенија за тоа како Европа и нашите држави да останат безбедни и слободни.
Мирот и безбедноста во Европа се исправени пред трислоен тест: војната во Украина врати целосна војна на нашиот континент. Конфликтот на Блискиот Исток поттикнува нестабилност поради враќањето на странските борци кои шират радикализација во нашиот регион. Транснационалните закани, како што се организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, вршат притисок врз нашите демократски процеси и институции.
Во сите три случаи, ние сме конструктивни. Обезбедуваме дипломатска, одбранбена и хуманитарна поддршка на Украина и силно ги осудуваме провокациите против Полска, Романија, Естонија и Данска. Се спротивставуваме на екстремизмот и изобличените форми на религијата преку размена на информации, дерадикализација и превенција, се справуваме со транснационалните закани, управувајќи со нелегалната миграција, како што тоа го правевме за време на мигрантската криза во 2015-2016 година, и инвестирајќи во сајбер безбедноста. А денес, ја поддржуваме коалицијата за борба против дрогата на Европската политичка заедница.
Но, треба и натаму да се работи. Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија. Нашите ранливи точки се ранливи точки на Европа. Особено по војната во Украина, ЕУ не може сериозно да тврди дека се бори против злоупотребата на информации од странски служби, против хибридните закани и надворешното мешање во Европа, оставајќи го Западен Балкан надвор. Исто како царот во приказната на Ханс Кристијан Андерсен кој парадирал во невидливо ново руво, ЕУ ризикува да се излаже себеси ако зборува за единство и отпорност, оставајќи ја мојата земја и регионот на Западен Балкан изложени токму на овие закани.
Свесни сме дека Европската политичка заедница не значи проширување, туку вклученост. Но, вклученоста мора да биде ориентирана кон резултати.
Најефикасен начин да се заштити Западен Балкан е да се врати пристапувањето базирано на кредибилитет и заслуги, засновано исклучиво на Копенхагенските критериуми. Тоа подразбира ставање крај на билатерализацијата на интеграцијата, што ја намалува отпорноста на регионот и на Европа.
Токму тоа треба да започне со мојата земја. Поминаа дваесет долги години откако добивме кандидатски статус. И покрај доследно спроведените реформи, неоправданите политички пречки продолжуваат да го блокираат нашиот напредок и да ја кородираат јавната доверба во проширувањето.
Последниот услов на ЕУ за започнување преговори е измена на нашиот Устав. Уставот, како lex superior и Русоов општествен договор меѓу граѓаните, не може да биде диктиран од нашите соседи или ЕУ.
Понатаму, условувањето на преговорите со уставни измени повторно ги отвора историските, културните и јазичните прашања што веќе се решени со Преспанскиот договор со Грција и е во спротивност со начелото pacta sunt servanda, бидејќи Договорот со Бугарија нема одредба за уставни измени. Нашиот фокус треба да биде на реформите, дигитализацијата и вештачката интелигенција, а не на споровите од 19 век.
Конечно, ЕУ се дефинира себеси како „единство на различности“, посветена на почитување на културните, јазичните и националните идентитети. Како тогаш може да побара од земја-кандидат повторно да преговара за својата историја, култура и јазик со земја-членка на ЕУ? Честите уставни промени инспирирани однадвор, досега 36 на број, претставуваат опасност од суспендирање на парламентарната демократија. Ваквите шеми не се чекор на реформи, туку знак на кршливост.
И покрај овие пречки, европската интеграција останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Македонските граѓани сакаат европска иднина. Нашето 100% усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и поддршката на Украина, е стратешки и принципиелен избор. Иако не сме членка на ЕУ, подготвени сме да придонесеме во безбедносната архитектура на Европа. Целосно сме подготвени да го отвориме Кластер 1, Основи, и веќе ја спроведуваме Агендата за реформи на Планот за раст 2024-2027.
Но, како што истакна претседателот на Европската комисија, Европската Унија мора што поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да го заврши повторното обединување на Европа и повторно да стане геополитички фактор.
Дозволете ми да завршам со следново. Ако Европската Унија сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западен Балкан во геополитички вакуум.