Сиљановска – Давкова: „Вељо Манчевски“ е вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на церемонијата на доделувањето на признанието „Вељо Манчевски“, именувано по првиот верски референт во 1943 година.

Во својство на покровителка, таа им честиташе на добитниците, оценувајќи дека нивниот труд, ангажман и успех претставуваат пример на извонредност, на општествена одговорност и посветеност на заедничкото добро.

За неа, признанието „ Вељо Манчевски“ е институционално препознавање и вреднување на посебниот духовен, образовен и хуман придонес на поединци, здруженија и организации во македонското општество.     

Чест ми е и годинава да бидам покровителка на доделувањето признание „Вељо Манчевски“, да повторам уште еднаш, првиот верски референт воспоставен во 1943 година, којашто се доделува од страна на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.  

Четири години веќе, ова признание им се доделува на личности и на институции за особен духовен, солидарен и хуман придонес кон заедницата. 

Живееме во забрзано дигитално време, обременето со геополитички тензии и општа неизвесност. Тогаш имаме насушна потреба од ориентири, од дигнитет, од интегритет, од храброст, од достоинство и од посветеност.

Поддржувајќи го денешниот настан и високо ценејќи ги придонесите на наградените, како претседателка, ќе ја реафирмирам мојата искрена заложба за почит, соработка и заедништво. Не се работи за апстрактни именки, не се работи за гола реторика, туку за вредности со коишто сме живееле и со чија помош сме се разбирале со векови поминати заедно во соживот и коегзистенција.

Да потсетам, без оглед на верската, етничката или која било друга припадност, нашите граѓани низ историјаата се уважувале. Природно е тогаш оваа вредна традиција да ја негуваме и да ја чуваме. Сè друго би значело разградување на ткивото на македонската држава.

Мислам дека немаме време за губење на решавање проблеми, анимозитети и недоразбирања од минатото, коишто вештачки, според мене, ни се наметнуваат. Времето бара да ја живееме мирно и здружено сегашноста, храбро свртени кон иднината, со јасна визија и храбри решенија.

Јас сум убедена сум дека нашите духовни и интелектуални лидери и нашите граѓани, сите ние, имаат здрави идеи и јасна и цврста волја да го придвижат општеството кон реформи и кон развој.