Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите Нации, ја истакна долготрајната блокада на македонскиот евроинтегративен процес и го осуди условувањето со нови уставни измени како неприфатлив и штетен преседан.
„Процесот на македонското пристапување кон Европската унија веќе две децении е попречуван, не поради неисполнети критериуми, туку поради субјективни и националистички причини,“ рече претседателката.
Таа нагласи дека Уставот е „општествен договор меѓу граѓаните“ и дека неговото менување е строго внатрешно прашање на државата.
„Овластен предлагач на амандмани може да биде само претседателот, владата, пратеници или граѓаните. Не соседите, ниту ЕУ,“ додаде таа.
Сиљановска Давкова потсети дека со Преспанскиот договор беа затворени чувствителни теми поврзани со идентитетот, но новите барања ги отвораат повторно. Таа потсети и дека во Договорот за добрососедство со Бугарија не постојат обврски за уставни промени.
„Ако ЕУ се темели на принципот на единство во различностите, тогаш мора да го почитува и нашиот културен и јазичен идентитет,“ нагласи претседателката.
Во своето излагање, таа предупреди дека застојот во проширувањето на ЕУ го отвора регионот за влијание на трети геополитички сили.
„Со затворената врата за Западен Балкан и отворената врата за други центри на моќ, Унијата создава безбедносен ризик. Ако ЕУ навистина сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Балканот во вакуум,“ изјави Сиљановска Давкова.
Таа заклучи дека Македонија останува искрено посветена на европскиот проект и на добрососедските односи, но интеграцијата мора да се одвива без дополнителни услови што го доведуваат во прашање националното достоинство и суверенитетот на државата.