Силен студен бран ќе го погоди Балканот: Температурите ќе паднат во минус, ќе има и снег

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почетокот на октомври носи значителна промена на времето низ цела Европа. По период на потопол западен воздух, воспоставувањето на силен антициклон на северот од континентот отвори пат за ладни воздушни маси од исток. Според прогнозата на метеоролозите од Severe Weather Europe, поголемиот дел од континентот го очекува првиот значаен студен бран на есента оваа недела.

Невообичаено силен студен бран се развива од средината на неделата, поттикнат од ширењето на огромен студен базен од исток кон Централна Европа, Балканот и Медитеранот. Температурите ќе паднат до 10 степени под просекот, што ќе биде најстудениот период досега оваа метеоролошка есен. Пробивот ќе биде придружен со силен дожд по должината на западниот Балкан, пообилен снег на планините и првиот мраз во годината во низините.

Кон крајот на септември над Европа се формираше т.н. Рекс блок, метеоролошки модел во кој антициклонот се наоѓа северно од циклонот. Во моментов, антициклонот доминира во северна Европа, додека циклонот над западна Украина постепено се движи кон југозапад.

Студениот бран ќе се шири кон запад и југ во текот на следните неколку дена, а врвот на студениот бран се очекува помеѓу четврток и сабота. Потоа, воздушна маса поладна за 8 до 12 степени, локално до 15 степени поладна од просекот, ќе се прошири над Балканот, Централна Европа и Централниот Медитеран.

Најизразените промени ќе се почувствуваат во Германија, Чешка, Словачка, Полска, Австрија, Унгарија, Романија, Италија, Словенија, Хрватска и остатокот од Западен Балкан. Во многу земји, температурите ќе паднат близу или под нулата за прв пат оваа есен.

Во четврток и петок наутро, најниските температури во низините на Централна Европа ќе донесат прв мраз. Балканот ќе биде најстуден во текот на викендот – во Горски Котар се очекуваат температури од -2 до -4 , додека во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија температурите би можеле да паднат до -6 степени.