Силен земјотрес од 6,5 степени на Карибите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Силен земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтер го погоди денеска подрачјето источно од Гвадалупе, во регионот на Мали Антили.

„Доста долг и интернзивен потрес. Седев на столче, и ми се чинеше дека трае бескрајно“, напиша еден од сведоците на земјотресот на страницата на Евромедитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

„Звучеше како мотор на хеликоптер во позадина, а тресењето беше помеѓу 20 и 30 секунди“, напиша друг.

Според сеизмолошките служби, епицентарот се наоѓал во Атлантскиот Океан, околу 149 километри источно-североисточно од Босежур (Гвадалупе) и 223 километри североисточно од Розо (Доминика). Земјотресот се случил на длабочина од околу 35 километри.

Според првичните извештаи, земјотресот бил почувствуван на неколку карипски острови, вклучувајќи ги Гвадалупе, Доминика, Мартиник и Антигва и Барбуда. Во времето на земјотресот, локалното време во епицентралната област било 08:38 часот наутро.