Силна пресметка во Чаир за локалните избори –  жешка трка меѓу ДУИ и ВЛЕН во албанските општини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оваа година, не само летото ќе биде жешко! На локалните избори на 19 октомври, се очекува силна пресметка во албанскиот политички блок за идното водство на Чаир. Во оваа општина со мнозинство Албанци, Европскиот фронт ја официјализираше кандидатурата на Бујар Османи, потпретседател на ДУИ, додека од редовите на коалицијата ВЛЕН се очекува да се кандидира Изет Меџити, актуелен прв вицепремиер.

Еден ден претходно, Централното раководство на ДУИ ги објави дел од кандидатурите за локалните избори, каде за Тетово ќе се натпреварува Бајрам Реџепи, друг потпретседател на ДУИ. Негов противкандидат од ВЛЕН се очекува да биде Билал Касами, актуелен градоначалник на оваа општина.

Европскиот фронт за Општина Гостивар ја остави кандидатурата на своите партнери од АА на Таравари, каде најверојатно ќе се кандидира актуелниот вршител на должност Валбон Лимани. Од ВЛЕН сè уште немаат објавено кандидат за оваа општина, но постои можност да го поддржат независниот кандидат Висар Адеми. Исто така, АА на Таравари под чадорот на Европскиот фронт ќе кандидира и за општините Врапчиште, Теарце и Сарај. За последната, кандидат од Европскиот фронт се очекува да биде Блеранд Рамадани, додека кандидатот од ВЛЕН се очекува да биде Орхан Муртезани, актуелен министер за европски прашања.

Меѓутоа, АА на Села во рамките на Европскиот фронт ќе има кандидати во Харачиново, Дебар и Струга. Неофицијално, самиот Зијадин Села се очекува да биде кандидат за Општина Струга. Од ВЛЕН веќе изјавија дека за Струга ќе го поддржат независниот кандидат Менди Ќура, актуелен претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонијa.

Во Општина Желино, кандидат од Европскиот фронт ќе биде Емир Сулејмани, додека од редовите на ВЛЕН речиси е сигурно дека повторно ќе се кандидира актуелниот градоначалник Блерим Сејдиу.

Во наредните денови се очекува да бидат официјализирани и останатите имиња на кандидатите.