Силва и Вархеи во Софија и Скопје – Заев: Не сакам да креваме нереални очекувања

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Што ќе понесат во папката португалскиот шеф на дипломатијата Сантош Силва и еврокомесарот Оливер Вархеи при утрешната посета на Софија, а потоа и на Скопје? Неофицијално до двете страни ќе бидат доставени идеи и предлози за надминување на блокадата од Бугарија, но засега нејасно е како тоа ќе се случи поради фактот што од Бугарија стигна изјава дека техничката влада нема да носи такви одлуки.

Директорката на Институтот за европски политики Симонида Кацарска вели дека во оваа фаза таа нема големи очекувања, но дека во политиката се е можно.
„Политиката е уметност и на невозможното. Доколку постои можност и некоја отвореност да се претстави ова прашање како техничко прашање за почетокот, со некоја форма на одложена примена и слично со одлагање на решавањето на дел од овие прашања можеби и постои подготвеност. Иако официјалните изјави кои што ги добивме од Софија воопшто не беа оптимистички“, посочи Симонида Кацарска директорка на ЕПИ.


Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн вели дека не знае како конкретно изгледа предлогот. Тој се ориентира на преговорите кои минатата година се одржуваа во Берлин, но од друга страна за Бугарија целото тоа прашање особено сега со техничката влада е многу тешко, изјави Холштајн.


Последниот период и премиерот Зоран Заев вели дека не сака да ги подигнува очекувањата за потоа да нема големи разочарувања. Ќе се најдат ли заеднички корењата кои ги бараше екс премиерот Бојко Борисов?


„Знаете како и тој е православен Христијанин и јас сум православен Христијанин и многу е едноставно за сфаќање пустото, зашто тој праша како сфаќате вие тоа со корењата. Еве вака сфаќаме – во науката сите сме од мајмуните, по религијата сите сме од Адам и од Ева. Како е тоа Македонците од Бугарите од цел свет или Бугарите од Македонците. Или сме од мајмуните или сме од Адам и Ева“, истакна Заев.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој во своите изјави изминатиот период тврди дека може да се преговара и со техничката влада на Бугарија, тврди дека веќе се воспоставени контакти.


„Ние имаме воспоставено комуникација со новата бугарска службена Влада. Сметаме дека и со оваа Влада може да се разговара, покрај тоа што е службена и за овие прашања, така што се надеваме и на предлогот меѓутоа и на директната комуникација која што ја имаме со бугарската влада.

Одржувањето на првата Меѓувладина конференција ја гледам како индикатор за создавање на довербата. Затоа инсистирав да се одржи таа средба, сега тие контакти се создадени и сега ги правиме последните координации кога може да се одржи таа средба и според каков акционен план“, истакна Османи.


Премиерот Заев, но и министрите изминатиов период имаа интензивна активност, за една недела два пати беа во посета на Брисел на средби и разговори со високи личности на Европската унија. Ваквата дипломатска офанзива се одвива пред одржувањето Советот на Европската унија на 22 јуни, на која Македонија очекува да биде усвоен преговарачкиот пакет за старт на преговорите со Европската унија.