Синдикатите бараат повисоки плати – „не може функционерите да имаат 78% покачување, а ние на минималци“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Возачите во јавните здравствени установи во земјава се незадоволни од третманот што го имаат од Министерството за здравство. Велат дека нивните плати се под минималецот, а не им се исплаќаат ниту додатоци, ниту имаат бенефициран стаж. Претседателот на Независниот медицински синдикат Горан Ристевски вели дека ќе бараат средба со министерот за здравство Фатмир Меџити со цел да ги решат проблемите, во спротивно најавуваат можни протести.

„Сметаме, од денешниот состанок дека треба корекција во општиот колективен договор, во делот на коефициентот, адекватна примена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување каде што согласно Правилникот тие треба да имаат бенефициран стаж. Од денеска натаму ние почнуваме да работиме прво договарање и преговарање со ресорниот министер за здравство а потоа доколку не наидеме на позитивен одговор од министерот за здравство ќе ги решиме системски проблемите“, вели Горан Ристески.

Во истовреме и техничкиот персонал во здравствените установи бараат зголемување на платите за 30 проценти и подобри услови за работа. Независниот синдикат на геријатрија не се согласуваат со новиот колективен договор, бидејќи како што велат има многу недоречености.

„Определен број на вработени ставени се во група на минималец иако пред тоа биле во други категории, односно во други групи биле. На пример минималец кога беше 15.200 истите тие вработени сега што се ставени на минималец имаат плата од околу 17 илјади. Што значи дека коефициентот сегашен нивен од 1,877 треба да биде 2,362 и да им следува покачување на плата како што следува и на другите. Тоа се категории на болничари, негуватели, возачи на брза помош“, порача Лазар Костовски.

И од двете синдикални организации велат дека е неприфатливо нивото на нивните плати, во услови кога за платите на функционерите се најдоа пари да се покачат за 78 проценти. Пред два дена од МЗ соопштија дека од септември ќе се одржи работна средба на која подетално ќе се разработат одредени актуелни прашања, меѓу кои и пресметување и исплата на платите во здравствената дејност.