Синдикати од образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата, полицијата и други сектори утре, 28 јануари, од 17 часот ќе се приклучат на протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Зборното место на протестот е пред зградата на ССМ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека протестот е директен одговор на ниските плати и тешката економска состојба на работниците.
– 28 јануари е денот кога зборуваат работниците. Овој протест не е прашање на удобност или време, туку прашање на егзистенција. Платата не стигнува од први до први, а ако не се бориме сами за неа, никој друг нема да го стори тоа – изјави Трендафилов.
Од ССМ бараат утврдување минимална плата од 600 евра за секој работник, како и дополнително линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати.
Поддршка на протестот најави и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), кој ќе учествува на протестот закажан за 28 јануари 2026 година. Одлуката е донесена на состанок на Извршниот одбор на ССНМ, при што се упатува повик до членството за целосна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и на сите останати плати.
Од ССНМ оценуваат дека приклучувањето кон протестот на ССМ претставува достоинствен начин за јавно изразување на потребите и проблемите на работниците, особено во медиумската индустрија, каде што во последните години се забележува континуиран пад на приходите и влошување на условите за работа.
Според истражувањето на ССНМ и Институтот РЕСИС од 2024 година, повеќе од половина од медиумските работници примаат плата пониска од државниот просек, додека речиси една третина од новинарите, камермани, монтажери, дизајнери и други медиумски професионалци се ангажирани за минимална плата.
Од синдикатот посочуваат дека ниската минимална плата е недозволива, дека законски предвиденото зголемување е недоволно и дека со нејзино значително покачување ќе се ублажи инфлацискиот притисок и ќе се подобри економската стабилност на медиумските работници.
ССНМ потсетува дека уште пред шест месеци јавно го искажал својот став за потребата од зголемување на минималната плата, кој целосно се совпаѓа со барањата на поголемите синдикати, и повторно застанува зад, како што наведуваат, легитимните барања на работниците.
Од синдикатот нагласуваат дека зголемувањето на минималната плата не е важно само за егзистенцијата на медиумските професионалци, туку и за јавниот интерес, бидејќи квалитетните, навремени и професионални информации зависат од економско-социјалната сигурност на новинарите и медиумските работници.
