„Утре е денот кога работниците зборуваат. Колку гласно ќе зборуваат зависи од Вас. Ние ќе бидеме на улица, ве повикувам да ни се придружите!“ Првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов со повик до сите работници да се придружат на утрешниот протест на кој очекува масовност. Вели револтот на работниците е голем од игнорантскиот однос на работодавачите и Владата. Бараат 600 евра минимална плата и зголемување по 100 евра за сите останати плати.
„Ве молам да разберете дека другите не бројат, дека другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата и дека вие добро живеете и дека вие зборувате само за убави работи. Но реалноста е друга. Не ги симнаа розовите наочари и затоа се гледаме на улица во 17 часот од пред симболот на работничката борба Работничкиот дом“, рече Слободан Трендафилов.
Протестот ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и завршува пред Владата. Доколу се нема слух за нивните барања, синдикалците најавуваат таргетирани блокади на институции, но не исклучуваат ниту генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.
Трендафилов со апел да не се подлегне на заканите,а закани добивал и тој.
„Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците, за да не ве препознае никој доколку ви се заканува. Не треба на никој да му се плашите затоа што на никој не му должите апсолутно ништо. Им должите само на вашите семејства пристоен живот“, порача Слободан Трендафилов.
Премиерот Мицкоски денеска го повтори ставот на Владата.
„Секој има право да си протестира. Минималната плата согласно закон ќе биде зголемена во март месец, односно со платите што ќе ги добијат работниците во април,за март ќе биде зголемена согласно закон. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите ќе го поддржиме“, вели Христијан Мицкоски.
Од Бизнис конфдерацијата категорични дека приватниот сектор не може да си дозволи покачување на платите,без субвенции на придонесите од страна на Владата.
„Доколу се зголеми платата за 6.000 денари, во тој момент социјалните придонеси и персоналниот данок изнесуваат дополнителни 3,259 денари. Но дополнително на барањата од 12.000 денари покачување, социјалните придонеси и персоналниот данок изнесуваат блиску до 6.500 денари, односно тоа е енормно зголемување по 18.000 денари од работник“, вели Миле Бошков.
Синдикати од образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата, полицијата, УПОЗ и други.. утре од 17 часот се приклучуваат на протестот. Официјално таква одлука донесе и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Велат, податоците покажуваат дека повеќе од половина од медиумските работници заработуваат под просекот, а една третина се држат на минимална плата.
Иако првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски во емисијата Бизнис 21 на ТВ 21 пред еден месец изјави дека ќе се придружат на протестот за повисоки плати, тој денеска не одговори на нашите прашања. Во изјавите од изминативе денови Ралповски ретерираше – рече дека јавниот сектор добил покачување и дека тие како синдикат само ќе повикаат кој сака да излезе.
