Синдикатот обвинува за дискриминација – шумска полиција: Под притисок сме, Трипуновски не нѐ прима на средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Самостојниот синдикат на полицијата поднесе претставка против министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, до Комисијата за заштита од дискриминација, обвинувајќи го дека одбива да оствари средба со синдикатот и врши притисок врз нивните членови. Според нив, во текот на една година откако е на функција, министерот ниту еднаш не ги примил на средба, ниту одговорил на нивните барања како синдикална организација.

Претседателот на синдикатот на шумската полиција и администрација, Никола Гаговски, вели дека е единствениот кој работи пет дена во неделата од 08:00 до 16:00 часот, што го смета за директен притисок од министерот.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, ги отфрли обвинувањата. За ТВ21 изјави дека дијалогот е во ниво, дека се одржала средба и дека се разгледале синдикалните барања.

„Позитивно е одговорено на барањето за средба на независниот полициски синдикат и истата се одржа на 16 Мај.На состанокот беа образложени сите барања на Независниот полициски синдикат.Проблемите со кои се соочуваат се наталожени проблеми од минатото за коишто тогашното раководство на министерството немало слух за нивно решавање, додека денес состојбата е далеку поинаква.“, вели Трипуновски.

Трипуновски дополнително изјави дека едно од барањата на синдикатот било признавање на бенефицираниот стаж за припадниците на шумската полиција, што, според него, е целосно прифатено и завршено, но од друга страна претседателот на Синдикатот изјави дека имаат нула бенифициран стаж во текот на исплатата за мај месец.