Има доволно средства за МВР, но полицајците ги држи со плата под минималната која е гарантирана со закон. Ова е обвинувањето на Синдикатот на полицајците во Македонија коли денеска упатија директни обвинувања до министерот Оливер Спасовски. Исто така обвинуваат за малиот број реонски полицајци.
ТВ21 побара став од МВР во врска со овие обвинувања. Од таму ги отфрлаат тврдењата на Синдикатот истакнувајќи дека постојано се врши дополна на полициските станици со нови полицајци, а велат и дека со нивното враќање е забележано намалување на криминалот во земјава.
„Во согласност со стратегијата на Министерството за внатрешни работи за пополнување со униформирани полициски службеници сите полициски станици од општа надлежност континуирано последните неколку години добиваат нови полициски службеници, со што се пополнува недостигот од униформирани полициски службеници во сите полициски станици од општа надлежност за што треба со пополнување на полициските станици во целост да функционира реонскиот метод на работа и ќе може да се обезбеди целосно покривање на позорните терени во текот на 24 часа“, велат од МВР.
Во врска со платите, од Министерството велат:
„Што се однесува до висината на платите, во периодот додека е министер Оливер Спасовски, платите се зголемени три пати, а покрај тоа, започна и редовното исплаќање на бонус платите, што не беше случај претходно“, велат од МВР.
Инаку, реонските полицајци или “маалски полицајци“ имаше и порано, а синдикалците велат дека Спасовски тоа го присвоил како свој проект во 2018. Потребниот број вработени во полицијата за вршење полициска дејност како маалски полицаец, се утврдува врз основа на големината на просторот, бројот на населението, бројот и важноста на објектите во одреден регион.