Синичане конечно доби вода за пиење – по четири месеци отпор, официјално пуштен во употреба водоводот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од денеска почна да тече вода од чешмите на жителите на селото Синичане, општина Боговиње. Градоначалникот на Боговиње, Аљбон Џемаили, и официјално ја пушти во употреба водоводната мрежа, по четири месеци протести, револт и судир со властите. Џемаили ги извести медиумите и за судската одлука која потврдува дека тој работел согласно правилата и прописите.

„Со месеци ги правевме овие обиди, со цел Синичане да добие вода за пиење. Мислам дека имаше многу дилеми, полемики и дискусии околу овој настан, но тие сега се разјаснети со одлуката на Судот -дека градоначалникот на општината постапувал согласно правилата, бидејќи стануваше збор за период на пандемија кога немавме време за забрани и моравме да работиме на терен“, посочи Аљбон Џемаили.

По неколку децении чекање на вода, конечно ја постигнавме и оваа цел, вели претседателот на Месната заедница на Синичане, Бидајет Сулејмани.

„Денеска ја постигнавме нашата цел – донесовме вода за пиење во с.Синичане. Како медиуми, вие знаете дека уште кога бевме искачени на Шар планина дека само во вода за пиење ќе се симнеме во село. Ја постигнавме целта. Селото се израдува со водовод, бидејќи со децении чекавме да се снабдиме со вода за пиење“, вели Бидајет Сулејмани.

Жителите на Синичане денешниот ден го сметаат за празник. Велат дека се среќни што по неколку месечниот протест, нивната жртва се исплатила.

„Празничен ден, среќен ден. Конечно успеавме да го снабдиме со вода за пиење нашето Синичане. Патот до тука не беше лесен, напротив, тешко беше. Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите што вложија труд, пот и што се жртвуваа 4-5 месеци“, вели жител.

„На почетокот беше тешко, но на крајот успеавме. Благодарејќи на нашите соселани, на о.Боговиње, вам новинарите кои направивте исклучителна работа. Ви благодарам на поддршката, сите сме ви благодарни“, додава жител.

Изградениот водовод е долг 10км, има над 25 литри вода во секунда, а ќе снабдува со вода неколку илјади мештани. Од општина Боговиње исто така информираа дека работат на изградба на водоводни мрежи и во други населени места.