„Скок“ на цените, опозицијата бара намалување на ДДВ и акцизата, Владата со нови мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

-Во текот на вчерашниот ден на многу бензински пумпи во земјава имаше недостиг на нафтени деривати. Но, веќе денеска проблемот е решен и граѓаните точат гориво без никаков проблем.

Набавката е редовна со нови поскапени цени кои вчера ги одреди Регулаторната комисија за енергетика. Поради ваквиот „скок“ на цените со реакција се јавија Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ. Ова поскапување директно удира врз џебот на граѓаните, велат од партиите, барајќи намалување на акцизата и ДДВ.


-Намалување на акцизата од 22 денари за бензинот на 15 денари, како и за дизелот од 15 на 9 денари. Намалување на данокот на додадена вредност, ДДВ, од 18% на повластена стапка од 5%, исто како што направија и со цената на струјата што исто така беше предлог на Алијанса за Албанците и резултираше позитивно иако првично Владата беше скептична и одбиваше, вели Зеќири портпарол на АА.

Реакција и од Движењето Беса. Од партијата велат дека зголемувањето на цените, особено на нафтените деривати, директно влијае врз средните бизниси, средната и сиромашната класа. ТВ21 ја праша Владата – дали планира да ја намали акцизата и ДДВ, но од таму не потврдуваат дали вакво нешто е предвидено во новите мерки кои се очекува да бидат воведени.


-Во најскоро време ќе излеземе со мерки фокусирани на граѓаните и за задржување на ликвидноста на стопанството и на работните места, како и со мерки за ранливите категории за ублажување на ценовните шокови, велат од Владата на РСМ.

Според Државен завод за статистика, инфлацијата во февруари годинава, во споредба со истиот период лани, бележи пораст од 7.6%. Сепак од Владата уверуваат дека мерките кои биле преземени досега, спречиле да дојде до дополнителен ценовен шок.