Скопје чека дијалог со Софија – Ахмети ја потсети коалицијата „Вреди“ за рокот од 6 месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските власти очекуваат стабилна влада во Бугарија со која ќе може да се започне дијалог. Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски посакува тоа да се случи што поскоро.

„Посакувам што поскоро да има политичка Влада кај нашиот сосед, влада со којашто ќе можеме да дискутираме за да отвориме дијалог на повеќе нивоа.“

Муцунски вели дека има начин како да се обезбеди сигурност за државата дека нејзиниот понатамошен пат кон ЕУ ќе биде врз основа на мерливи критериуми и стандарди и нема да се билатерализира.

„Ние велиме, доколку се чувствуваме сигурни дека патот понатаму може да се остварува врз основа на опипливи и мерливи критериуми, а коишто произлегуваат од европски стандарди, тогаш имаме простор да дискутираме за тоа како да го движиме патот понатаму.“, вели Тимчо Муцунски

Според Муцунски, планот на домашните власти е веќе познат во јавноста. Од она што е досега споделено во јавноста, најверојатно станува збор за идејата за уставни измени со одложена примена. Односно, внесот на Бугарите во Уставот да се изгласа веднаш, но да важи кога Македонија ќе стане членка Унијата.

Од друга страна, лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети ја потсети владејачката коалиција „Вреди“ за роковите за уставните измени. Ова било тема на средбата на Ахмети со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.

„Ахмети потсети на ветувањето на поразените на изборите за уставни измени за 6 месеци и рече дека ДУИ останува посветена на евроинтеграциите.“, велат од ДУИ

Од коалицијата „Вреди“ одговорија дека клучот е кај пратениците Македонци.

„Господинот Ахмети четири години зборуваше за Европа, а ниту еден милиметар не помрдна. Сега „Вреди“ ја има шансата, „Вреди“ ќе го направи своето. Второ, ние правиме толку колку што ни следува. Не сакаме да ја лажеме јавноста, сите пратеници Албанци, 30 пратеници Албанци, утре ако не поканат на седница сме спремни да ги гласаме уставните измени. Клучот е кај пратениците Македонци. Ние работиме со меѓународниот фактор.“, вели Изет Меџити.

Претходно од „Вреди“ велеа дека ќе се преиспита нивното учество во Владата ако нема уставни измени во првите шест месеци од новата Влада, но последно кажаа дека за шест месеци единствено ќе седнат да разговараат за прашањето за уставните измени, без да потенцираат дека би ја напуштиле Владата.