„Тринаесет земји од Југоисточна Европа денеска во Скопје разговараа за иднината на регионот. Досега претседаваше Македонија со оваа иницијатива, а шефот на дипломатијата Бујар Османи кажа дека оваа иницијатива и во иднина треба да се користи за проширувањето на Европската Унија – односно сите оние земји од регионот кои се уште не се членки во иднина да станат. Тој порача ова да биде главната цел и главниот мотив во наредното претседавање кое го презема Република Албанија. Токму заменик министерката за надворешни работи на Албанија, Артемис Маљо, истакна дека европроширувањето, Планот за раст и создавањето единствен заеднички економски пазар ќе биде во фокусот и на Тирана нареднава година“, вели репортерот на ТВ21.
„Ние мораме да ги удвоиме нашите напори за крајната цел – членство во ЕУ за кандидатите од Процесот на соработка на Југоисточна Европа. Проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент што носи неповратни вредности во градењето на отпорни општества и во постигнувањето економски напредок и просперитет. Како Западен Балкан точно знаеме кои се нашите обврски и слабости“, вели Бујар Османи.
„Претседавањето на Тирана со процесот ќе биде целосно во согласност со понатамошно консолидирање на досега постигнатото за зајакнување на регионалната соработка, зајакната соработка за создавање заеднички регионален пазар, како и забрзување на европската интеграција“, порача Артемис Маљо.
„На маргините на министерскиот состанок шефот на дипломатијата Османи оствари средба и со грчката заменик министерка за надворешни работи Александра Пападопулу. Двајцата се согласиле дека треба да се почитува Договорот од Преспа и дека суштинските обврски кои Договорот ги носи се исполнети од двете страни, како што додаде Османи. Двајцата разговарале и за унапредување на соработката на повеќе полиња, а станало збор и за меморандумите кои се очекува да се усвојат во грчкото Собрание. Од друга страна, Османи вели дека и ние немаме исполнето одредени обврски, како што е Законот за Македонската радио-телевизија и Законот за МАНУ. Тој исто така кажа дека не очекува ново грчко вето на евроинтегративниот пат на земјава, а до новите власти во Македонија, што се однесува до нив, Османи кажа дека „не треба да имаме кавгаџиски односи со соседите, бидејќи тие не носат никакви резултати“, вели репортерот на ТВ21
„Уставното име на државата е тоа и не е веќе прашање на Преспанските обврски, туку на Уставот на државата. Не гледам тука простор за интерпретација и нема потреба, зашто се дава само некакво очекување кај граѓаните дека ако почнеме усно да го кажуваме полека ќе го смениме и писмено. Тоа нема да се случи. Зошто му давате такво очекување на граѓанинот? Кажете „ние не го изгласавме, ние бевме против, овие предавниците го направија тоа, а ние мора да го почитуваме“, вели Бујар Османи.
„Како што веќе кажав, претседавањето го презема Република Албанија, додека пак во Скопје исто така беше избран и наредниот генерален секретар за регионална соработка, која произлегува од овој процес, а тоа ќе биде Амер Капетановиќ од Босна и Херцеговина. Денеска Самитот продолжува на ниво на шефови на држави и влади. Домаќин ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова“, додаде репортерот на ТВ21.