Присуството на Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада и агент на српските агенција за информирање, БИА, на 27 Април во Собранието на Македонија одново покрена напнатост во српско-македонските односи. Министерството за надворешни работи на Македонија ја повика на разговор српската амбасадорка Душанка Дивјак – Томиќ, а таа потоа ги одбегна новинарите. Во соопштението од македонското министерство што следеше се вели дека Македонија не бара негово повлекување, туку само, како што се вели, изразува незадоволство и загриженост поради неговото присуство среде упадот во Парламентот и насилството кон пратениците.
„Ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети сите околности на случајот и ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право“, се наведува во соопштението на МНР.
За да се дознае вистинската причина за присуството на српскиот разузнавач Живаљевиќ во Собранието, македонската дипломатија очекува комуникација меѓу безбедносните служби на двете земји.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ деновиве го оправда присуството на советникот во српската амбасада среде македонското собрание, велејќи дека не сторил ништо нелегално, туку и ја вршел работата.
„Живаљевиќ е службен претставник на БИА во Македонија. Тој таму не е нелегално. Негова работа е да информира за случувањата во РМ“, рече Ивица Дачиќ – Министер за Надврешни работи на Србија.
Дачиќ истакна дека Живаљевиќ имал задача од БИА, да информира дали во немирите се вклучени и српски граѓани. Слично реагираше и српскиот премиер и иден претседател, Александар Вучиќ. „Негова задача е да информира од оваа земја”, рече тој за време на посетата на Брисел, каде се сртена со македонскиот мандатар Заев. Според Заев, двајцата не разговарале за српскиот агент туку, за што како што рече, верува дека службите од Македонија и Србија ќе најдат решение.
Дипломатот Мухамед Халили истакна дека еден дипломат не смее ниту на директен, ниту на индиректен начин да има политички активности во државата каде служи. На овој начин може за 48 часа државата да го огласи како „персона нон-грата“ и тој треба да ја напушти државата.
„Дипломатот има право да рапортира од местото каде што е назначен, но нема право да навлезе внатрешните работи на таа држава“, вели Халили.
Агентот Живаљевиќ кој по службена должност е советник во српската амбасада во Скопје, е поранешен заменик директор на БИА, во периодот кога се случи атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во 2003. Пред да дојде во дипломатска мисија во Скопје, тој бил на задача во српската амбасада во Загреб.
Арбана Ќерими