Скопје веќе неколку дена се гуши не само од загадениот воздух туку и од маглата и ги руши рекордите на светските индекси на загаденост, поради енормно високото зголемување на честичките кои се опасни по здравјето. Скопјани тоа го чувствуваат па во овие празнични денови и остануваат во своите домови.
Сепак голем број од нив се одлучија да отидат на Водно, каде што сликата е сосема поинаква, таму ги пречека сонцето и чистиот воздух. Редици се чекаше и за жичарата со која се искачуваат до врвот на Водно. А оттаму убаво можеа да видат и што дишат додека се во градот.
Скопје и воопшто не се гледа, не се препознава ниту еден дел од градот а не се гледаа ниту висококатниците Џевахир. Само едно широко пространство од магла и смог.
„Избегавме за кратко, за еден ден. Се надевам дека нешто ќе се преземе да престане со градби, да престане со толку гужви во градот за малку од малку ги избегнеме скопскиве магли“.
„Конечно сонце да видиме со малата“.
Како е во Скопје за разлика од тука?
„Па, очигледно, магливо, депресивно“.
„Овде е супер, а доле е….. па до пред некој километар тука не се гледа, прст пред око не се гледа. Дури тука на средно Водно“.
„Ако излезеш во град, маски, за децата е проблематично, затоа добро е ова што го имаме“.
„Неконтролирано градење на огромни згради, нема веќе ветар во Скопје. Ветерот што дуваше од Влае накај Драчево сега не постои. Така да нема решение“.
А од надлежните само препораки. Да се седи дома и да не се излегува непотребно надвор, а и да не се отвораат прозорците за проветрување бидејќи воздухот е екстремно загаден.
„Останете дома или намалете го физичкиот напор на отворено, особено доколку почувствувате симптоми како што се кашлица или болки во грлото. Возрасните и децата со проблемите со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма треба почесто да го користат нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност“, велат од ИЈЗ.
Пред новогодишните празници, министерот за животна средина Насер Нуредини како причинители за загадувањето ги наведе возилата и греењето на скопјани, но не кажа што како министерство конкретно ќе биде преземено за тоа да се намали.
И денеска нивото на загаденост е високо и тоа изнесува 163 индексни поени со високи концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички што повторно го вбројува Скопје во едно од најзагадените градови во светот. Покрај во Скопје се гушат и жителите на Штип, Битола, Струмица, Тетово, Гостивар, како и други градови на земјава.
