Организаторите на Скопје Прајд 2026 соопштија дека овогодишната Парада на гордоста ќе се одржи на 20 јуни под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“, испраќајќи порака против, како што велат, системското бришење и маргинализирање на ЛГБТИК+ заедницата.
Во обраќањето по повод Месецот на гордоста, организаторите оценуваат дека ЛГБТИК+ луѓето се соочуваат со зголемена омраза, дискриминација и уназадување на веќе стекнати права, во услови на политичка и општествена несигурност, институционална нефункционалност и раст на конзервативните политики.
„Исцрпени сме, разочарани и гневни, но одбиваме да прифатиме дека нашите животи се условено дозволени само зад затворени врати“, порачуваат од Скопје Прајд, додавајќи дека нивното присуство во јавниот простор и понатаму останува политичко прашање.
Според организаторите, слоганот „Сите нека знаат“ е одговор на тишината и замолчувањето со кое се соочуваат ЛГБТИК+ луѓето, но и порака дека тие се дел од секојдневниот живот, семејствата, пријателствата и работните средини во општеството.
Парадата ќе започне во 19 часот од Фонтаната во Градскиот парк во Скопје, додека собирањето на учесниците е закажано за еден час порано. Маршот ќе се движи по булеварите Илинден, Партизански одреди и ВМРО, како и по улиците Рузвелтова и Димитрије Чуповски, а завршницата ќе биде во Жена парк – Борец.
Организаторите посочуваат дека промената и проширувањето на рутата има и симболично значење, со цел да се испрати порака дека јавниот простор им припаѓа на сите граѓани подеднакво.
Во однос на безбедноста, велат дека и оваа година се во координација со Министерството за внатрешни работи за настанот да помине без инциденти. Истовремено, упатија порака за солидарност и поддршка до сите што за првпат ќе учествуваат на Парадата на гордоста.
