Скопје тагува и се сеќава – 57 години од кобните 20 секунди кои го разрушија главниот град

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дури и по 57 години од катастрофалниот скопски земјотрес, сѐ уште се свежи сеќавањата на оние кои ја преживеале големата несреќа. Иако поминало повеќе од половина век, граѓаните раскажуваат за разурнатите домови и објекти кои ги снемало во дел од секундата пред нивните очи. Дедо Цветко Анѓелов кој во тоа време работел во ЈСП Скопје, пред камерата на Тв21 раскажа како страшните звуци на земјотресот, ги разбудиле него и неговите три деца.

„Децата ми беа мали, најмалото ми беше две години, другите две беа поголеми. Се исплашија и ги однесов кај моите родители во Велес. Народот се растури по селата и градовите, фирмите останаа без работници. После направија и шатори по парковите, таму ги сместуваа луѓето. И нам ни направија шатор во градски парк. Ние со автобуси помагавме. Трчај носи кај треба, пуштај автобуси. Ние цело време бевме на работа, мораше да носиме луѓе“, вели Цветко Анѓелов.

Дедо Цветко се присетува и на помошта која им ја пружил и на исплашените соседи во неговата зграда.

„Малку беше разрушено, но не беше зафатена нашата соба. Во комшии имав глувонеми жени кои живееја под кирија. Дојдоа кај нас уплашени по пижами. Јас отидов горе кај нив на спрат и земав алишта за да се облечат. До ден денешен оние кои се живи ми се благодарни. Потоа заминав на работа да видам таму што се случило. Фалеа многу луѓе. Отидов и низ град. Една зграда кај социјалното, беше дибидус“, рече Цветко Анѓелов.

Од потресот биле урнати и оштетени илјадници објекти. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Животот го загубиле 1070 лица, а биле повредени над 4000.

„Им беше страв да се вратат во своите домови. Многу тешко беше, многу. Потоа почнаа да ги даваат бараките. Секој кој побара, државата им даде помош“, истакна Анѓелов.

94 годишниот дедо Цветко спомнувајќи си за неговото време, вели дека тогаш се живеел многу поубав живот.

„Тогаш беше подобро. Тогаш можеѓе да се оди и на одмор, сега не може. Мали плати даваат, газдите газдуваат како што сакаат. Сега со една мала плата, дали за одмор, дали да се живее со тие пари. Јас сум работел и по 18 часа дневно. Од автобус не сум слегувал. Ќе дојде шефот и ќе каже нема човек во смената, јас не одбивав работа. Не си смеел да кажеш не. Ама се беше платено. Државен празник се плаќаше, ноќен труд се плаќаше, сите тие давачки се плаќаа“, посочи Анѓелов.

За долгиот брак од 56 години со неговата сопруга, вели дека најважно е меѓусебното разбирање и почитта.

Од трите деца има шест внуци, а има и 4 правнуци. Бидејќи секојдневно сака да прошета низ маало и на пазар, го запрашавме дедо Цветко дали се плаши од корона вирусот и колку ги почитува мерките од надлежните.

„Да ти кажам право без маска не одам никаде. И за плашење е. Колку народ умре од корона. Има многу невоспитани млади. Се собираат на свадби, игранки без маски во груп, ќе се најде некој болен“, додаде Анѓелов.

За рецептот за здрав и долг живот, дедо Цветко ќе каже:

„Да работиш и да одиш. Да не се пијанчиш, тоа е најлошото. Јас во мојот живот ракија не сум пиел, ниту цигара сум пушел. Жената ме тераше, земи една раќија да се напиеш, маж си. Едно пиво ќе се напијам денеска и готово“, вели Анѓелов.

-Ви фали младоста?

„Си викам сега да се вратам барем на десет години. Ама нема, пројде“, додава Анѓелов.