Скоро 7 години Универзална сала не функционира, Арсовска одби да одговори за прекинот на градежните работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Универзална сала каде претходно се организираа многу културни настани, фестивали и концерти, скоро 7 години е надвор од функција. Прво екс градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, имаше проект да изгради целосно нова сала, потоа на власт дојде Петре Шилегов кој за да ја зачува автентичноста на салата, одлучи таа да се реконструира.

Во дворот на Универзална сала во Скопје нема ниту работници, ниту машини за спроведување на градежни работи.

Граѓаните велат дека им недостига оваа културна институција и концертите со кои пораснале.


„Имаше добри концерти, но последната година не работи и жално е што не е во функција“.

Владата минатата година одвои 120 милиони денари од централниот буџет за финансирање на реконструкцијата на овој објект. Прашавме во Министерство за култура зошто градежните работи се во прекин. Од таму ни рекоа дека нема никакви проблеми со проектот и да се обратиме до градоначалничката на Скопје.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, не го зема в предвид прашањето на ТВ21. Неколку пати ја прашавме но таа категорично одби да ни даде било каков одговор во врска со оваа прашање.

Реконструкцијата на Универзална сала треба да се спроведе во две фази кои ги покриваат главните делови на Универзална сала. Во првата фаза треба да се реконструира фасадата и покривот, а во втората фаза треба да се направи внатрешно уредување на објектот. Подготовката на целата техничка документација е добиена како донација од студиото за проектирање „Мегарон Инжинеринг„ а градежните работи ги врши компанија „Универзал Балкан“.