Замрзнувањето на цените му штети на приватниот сектор и следствено на капацитетот на куповната моќ, односно стандардот на граѓаните, оценува Дурим Зеќири, извршен директор на СКСЗМ, според кој последната мерка на Владата „гарантирана цена“ го промовира увозот, наспроти домашните производи. Појаснува дека сме зависни од увоз, во исто време увезуваме и инфлација.
„Увозот предизвика раст на цените. Сега, за да помогнеме во намалувањето на цените и избледувањето на оваа екстремна инфлација, оценуваме дека институциите треба да преземат други мерки преку стимулирање на домашните производители да ги произведуваат оние производи кои се од витално значење или суштинско значење за домашниот пазар, но и со намалување на царинските стапки , разни даноци со она што можеби за краток период државата не би ги инкасирала како што обично ги инкасира, но барем граѓаните би имале пристап до поевтини производи и со тоа цените би биле избалансирани“, вели Дурим Зеќири.
Зеќири вели дека поради замрзнувањето на цените, стопанствениците нема да имаат можност да работат со одредени производи, што ќе доведе до празнење на полиците во маркетите. Но, постои ли ризик цените да се зголемат по завршувањето на мерките? Зеќири вели дека не може да се направи прогноза за такво нешто без да се знаат состојбите на меѓународните пазари. Професорот по економија Бранимир Јовановиќ размислува поинаку.
Јовановиќ вели дека главен ризик е вештачката инфлација на цените поради краткиот рок на траење на мерката, додека за подобрување на животниот стандард, според него, Владата треба да ги зголеми приходите на граѓаните. Инаку, и граѓаните го сакаат истото бидејќи според нив намалувањето и замрзнувањето на цените нема да влијае на нивниот џеб така како што се тврди.