Откако беа именувани министрите на новата Влада, следната недела се очекува да почнат разговорите меѓу коалициските партнери за поделба на одговорностите и во другите ешалони, како што се функциите на заменик министрите, секретаријатите и агенциите.
Се очекува да има ротација во овие функции меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ, а лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев, вели дека не мислел за функциите во вториот и третиот ешалон.
„Јас се уште немам одлучено затоа што првата седмица е време кога треба да се направи примопредавање и да се навлезе во работата на Владата, како и важните итни одлуки за граѓаните да се донесат. Следната седмица прв пат ќе размислам за тоа“, истакна Зоран Заев.
Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, рече дека се уште не ги почнале разговорите со СДСМ, но потврди дека ќе има размена на ресорите.
„Сметам дека ќе има размена меѓу двете наши партии, со што преземаме поголема одговорност за да го искажеме нашиот капацитет и новите задачи“, вели Артан Груби.
Неофицијално се очекува ДУИ да има заменик министри во Министерствата за внатрешни работи, транспорт и врски, правда, здравство и одбрана. Неофицијално се шпекулира дека новите Управи кои можат да припаѓаат на ДУИ се МЕПСО, ЈП Државни патишта, Агенцијата за електронски комуникации, „М-НАВ“ и Агенцијата за лекови „Малмед“.
Заедно со двајцата најголеми партнери на коалицијата СДСМ-ДУИ, функциите од извршната власт овој пат е ќе има и Движењето БЕСА, кое доби само едно министерство, тоа на земјоделството. Лидерот Билал Касами вели дека разговорите со партнерот Заев се во тек.
„Како Движење Беса ќе разговараме со другите партнери на коалицијата за поделба на одговорностите и на другите ешалони и следните недели ќе имаме конкретен одговор“, посочи Биљал Касами.
Двете заменик-министерски места за кои веќе се знае дека припаѓаат на „Беса“ се Министерството за образование, каде се очекува Арафат Шабани да биде заменик министер, додека Седат Сулејмани е кандидат за заменик министер за култура.
Извори од „Беса“ велат дека заменик претседателот на партијата Абдуш Демири се очекува да раководи со една од, како што се смета најважни дирекции, како што се Пензискиот фонд, Македонска пошта или Агенцијата за ветеринарство и храна. „Беса“ преговара и за Агенцијата за млади и спорт, но сè уште не се знае кој ќе раководи со ова институција. Истите извори посочуваат дека Беса очекува да ја извршува функцијата директор на Пазарниот инспекторат, Технички инспекторат или Хидрометеоролошки институт. Исто така, се очекува „Беса“ да има раководно место во театарот, во Скопскиот или Тетовскиот театар.
