Слепите лица во Тетово без инфраструктура – се бараат посебни патеки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е сликата и светот низ кои слепите лица во Тетово се принудени да се ориентираат. Свет во кој секој чекор е неизвесност, секое преминување на улицата бара храброст, а секоја институција останува недостапна без помош од придружник.

Иако во градот беа пуштени во употреба нови семафори со звучна сигнализација, реалноста на терен останува исклучително тешка. Патната инфраструктура и тротоарите не се приспособени, додека несоодветно паркираните возила значително им го отежнуваат движењето.

– Мојот апел до граѓаните е дека има и луѓе што ме гледаат како се движам со белиот стап, но не ми го ослободуваат патот. И автомобилите да не ги паркираат секаде, каде што не треба. И институциите да работат малку повеќе за да ги исполнат овие наши услови. Кај новите семафори има звучна сигнализација. Инфраструктурата на тротоарите треба да се подобри, апсолутно! Автомобилите многу ни пречат, паркирањето е на несоодветни места, движењето ни е отежнато. На пример, на автобуската станица имаме паркирани автомобили… И во овој поглед треба да се работи малку повеќе, вели Јетмир Селмани, слепо лице.

Во моментов, градот не нуди посебни патеки за движење на овие лица, поради што се бара поголем институционален ангажман. Состојбата со инфраструктурата во Тетово е исклучително специфична.

– Имавме барања до градоначалникот и во врска со лицата со оштетен вид што ги имаме, да ни помогне во однос на тротоарите каде што се паркираат многу автомобили. Луѓето што се паркираат се неодговорни и не размислуваат дека постојат и лица со попреченост – не само ние, слепите лица, туку има и лица во инвалидски колички – поради што не можеме да поминеме онака како што треба да се движиме. Принудени сме да се симнеме на улицата, а потоа, не дај Боже, може да нè удри некој автомобил. Исто така, побаравме од градоначалникот и посебни патеки за слепите лица. Не може да ги има низ целиот град, но таму каде што најмногу се движиме, каде што има јавни институции или кај здружението каде што доаѓаат самите членови, таму да има патеки наменети само за слепите лица, изјави Хамди Џемаили, претседател на Здружението на слепи лица – Тетово.

Од институциите се најавува дека ова е само првиот чекор и дека во иднина ќе се работи на проширување на проектите за олеснување на движењето во градот.

– Би рекол дека ова е проект што сме во процес на реализација. Ова беше првата фаза, прашањето на преминувањето на улицата и поставувањето семафори со звучна сигнализација, како и спуштањето на бариерите, односно рабниците на тротоарите, за да можат тие да поминуваат. Во следната фаза ќе продолжиме, како што беше споменато, и со проширување на крстосниците со семафори со звучна сигнализација, но исто така и со посебни патеки за овие лица да можат послободно да се движат, особено по централните улици во градот. Значи, во следната фаза веднаш ќе продолжиме и со одредување на такви патеки, вели Билал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Надвор од семафорите со звучна сигнализација и ветувањата за инвестиции, независноста на еден град не се мери само со технологијата на хартија, туку и со свеста на секој од нас.