Словенец ќе раководи со Европскиот суд за човекови права

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За претседател на судот е избран Марко Бошњак, словенечкиот судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), соопшти институцијата.

Тој ќе ја преземе функцијата од актуелната претседателка Шифра О’Лири на 2 јули оваа година, се вели во соопштението на судот.

„За време на мојот мандат, ќе се обидам да направам се што е во моја моќ за да се осигурам дека судот ќе продолжи да ја консолидира својата позиција како ефикасен бранител на човековите права во Европа“, рече Бошњак, цитиран од страна на вестите на словенечкиот Тајмс.

Тој беше избран од неговите колеги судии на 13 мај. Бошњак ќе биде првиот претседател на Европскиот суд за човекови права од т.н нови демократии во Централна и Источна Европа или од земја која се приклучи на Советот на Европа по 1963 година. Тој е и првиот Словенец на чело на меѓународен суд.

Бошњак истакна дека ова е највисокото место во европскиот систем за заштита на човековите права, кое е задолжено со голема одговорност.

„Овие избори се доказ дека во Европа нема големи и мали и дека дури и оние од помалите земји со релативно ограничена економска и политичка моќ можат да имаат значително влијание врз текот на работите во Европа“, додаде тој.

Бошњак е судија во Судот за човекови права од 2016 година. Тој беше избран за претседател на Првиот совет на Судот во 2021 година и стана еден од двајцата потпретседатели на Судот во 2022 година.

Судиите на Европскиот суд за човекови права ги избира Парламентарното собрание на Советот на Европа од листа на која секоја земја номинира по тројца кандидати. Тие имаат необновлив мандат од девет години. Мандатот на Бошњак истекува во мај следната година.