Случај „Пулс“-Судски процес кој ќе трае со години – Експертите децидни: Главниот проблем е во самото обвинение, сите обвинети за исто кривично дело

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако Кривичниот суд во целост го прифати обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“, а преку АКМИС-системот кривичниот предмет е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска, се постапува прашањето колку овој судски процес ќе трае. Познавачите на областа, но и јавноста се скептични. Со оглед на големиот број на оштетени лица, кои треба да дадат исказ во самата постапка, па потоа обемното обвинение напишано на стотици страници, никој не може да каже кога ќе заврши. Но, согласни се дека самата судска постапка, до изрекувањето на пресуда, ќе трае со години.

„Оваа постапка ќе трае. Ќе трае долго време, ова од искуство ви го кажувам, затоа што добар дел од предметите каде што имало многу обвинети, па дури и во ситуации каде што не биле толку обвинети, но доказите биле бројни, постапката траела со години.“, вели Звонко Давидовиќ.

Главниот проблем, според експертите е самото обвинение. Сите 37 лица се обвинети за едно кривично дело „Предизвикување општа опасност“. Според нив, Обвинителството ќе има проблеми да го докаже ова за некои лица, односно нивната вина за самиот пожар.

„Не можете вие да обвините дел од луѓето кои немаат врска, конкретно со противпожарните апарати или самото предизвикување на пожарот, но имаат врска со пропуштениот надзор или преземените мерки и дејствија за да не биде и на тој начин да не работи дискотеката, не можете нив да ги обвините за истото кривично дело. Можете да ги обвините за несовесно работење, за злоупотреба на службена положба, за тргување со влијание, за поткуп ако имало такво нешто како доказ, ама никако не можете да ги обвините за вакво нешто.“, вели Звонко Давидовиќ.

Со ова се согласува и колегата на Давидовиќ, адвокатот Еленко Миланов.

„На овој обвинителен акт, тоа е главниот проблем. Затоа што, во конкретниот случај причинско последичната врска, што е таа причина која што доведе до непосредниот настан, пожарот во дискотеката Пулс и дејствие на некои лица кои што постапувале во било која институција во период од 2012 до некаде 2025-та година. Она што се причини за самиот пожар, се може да бидат дејствија на лица кои што директно биле присутни, преземале некои дејствија или не преземале некои дејствија на денот на настанот на таа несреќа.“, вели Еленко Миланов.

Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, која застапува еден од обвинетите во случајот, на социјалните мрежи напиша:

„Вие решивте да смислувате термини како „верижни пропусти“ или „верижни последователни пропусти“ или „синџир на континуирани пропусти“, наместо да разграничите што е криминал поврзан со пожарот, што е злоупотреба и несовесно работење на службите со конкретни докази за истото, а што е системски пропуст за кој не постои индивидуална кривична одговорност, туку постои морална и политичка“, вели Сузана Јошевска Анастасовска.

Инаку, ова е предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители. Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, а 200 беа повредени.