За случајот со смртта на пациентот Ведат Адеми во кумановската болница, Министерството за здравство со официјален допис бара да им се одземе лиценцата на д-р Зоран Ѓеорѓиевски и медицинскиот персонал, кои дежурале на 17 март, каде што се сомнева дека 32-годишниот починал откако примил погрешна терапија.
Министерот Таравари при посетата на Градската болница рече дека извештајот на специјалната комисија формирана преку Државниот санитарен здравствен инспекторат е доставен до Обвинителството на Куманово.
„Наодите се комплетирани и од Судска медицина. Освен тоа, Министерството за здравство и предложило на Лекарската комора да му ја одземе лиценцата на лекарот кој стои зад овој случај и другите медицински лица, а предметот е доставен до Обвинителството. Дадовме се од себе, сè што беше потребно е направено од разрешување на директорот кој беше причина за да се смени“, вели Арбен Таравари.
Но, новоименуваниот директор на оваа болница не го суспендираше доктор Зоран Ѓеорѓиевски од работното место. Вели дека чека да види што ќе биде со истрагата. Сашо Стошковски, ниту од морални причини, не го направил тоа, иако била отворена истражна постапка за лекарот и медицинската сестра кои наводно му дале инфузија со аналгетици, без да ја погледнат книшката на пациентот во која пишува дека е алергичен на аналгетици.
Од обвинителството на Куманово велат дека се уште се чека обдукцискиот извештај од Судска медицина. За ТВ21 велат дека го истражуваат и медицинското досие на починатиот пациент за да се види неговата здравствена состојба низ годините. Во меѓувреме, доколку се докаже дека лекарската грешка му го одзела животот на 32-годишниот Ведат Адеми, лекарот и персоналот на смената ќе одговараат за кривичното дело: Тешко кривично дело против здравјето на луѓето, по член 217 кој предвидува затворска казна до 10 години.