Со маски и дистанца – над 15.000 ученици полагаат државна матура

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со маски и на дистанца, над 15 илјади средношколци го полагаат првиот испит од државната матура.

Првиот екстерен испит кој е задолжен за сите е мајчин јазик, додека пак вториот кој е закажан за 11 јуни ќе биде изборен, односно математика или странски јазик.

Од Министерството за образование велат дека и покрај предизвиците поради пандемијата со Ковид 19, успешно се направија подготвки за спроведување на процесот на државна матура.

„Покажавме дека како држава можеме да имаме образование кое што во континуитет се одвива целата учебна година и во време на пандемија, но исто така покажавме дека знаеме и можеме безбедно да споведеме матурки испит што укажува дека се одржуваме во стандардите кои што се дел од европските и земјите кои што се развиени“, истакна Мила Царовска.

Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека процесот, денеска го набљудуваат 2.000 тестатори, наставници, професори од другите средни училишта, и околу 300 набљудувачи претставници од МОН, Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар како организатор на матурата.

„Материјалот навремено беше денес дистрибуиран. Информации од теренот велат дека сите ученици се присутни, нема никакви попречувања или одлагања, навремено е почнат процесот на полагање на матура, навремено беа доставени материјалите без некои поголеми технички проблеми. Веќе е матурата во тек“, посочи Елизабета Наумовска.

Тв 21 сними дел од учениците кои веќе го завршија полагањето на првиот испит од државната матура.

Ученик: „Македонски полагавме, сега завршивме, одлично беше“.

ТВ21: Дали беа лесни прашањата?

Ученик: „Прилично, да“.

ТВ21: Кој е следниот предмет кој ќе го полагате?

Ученик: „Англиски јазик“.

Инаку, за матурантите кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради изолација, предвидени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни. Додека учениците кои нема да положат, имаат дополнителна можност на 11 и 13 август.