Со потекло од Турција – на Дрисла уништени над 4 тони путер со поминат рок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На депонијата Дрисла беа уништени над 4 тони небезбеден путер со изминат рок кој го увезла „Евро Млекара“ Скопје. Станува збор за количина која во рамки на двонеделната инспекциска контрола беше запленета од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, како дел од 20-тонски увоз што го реализирала компанијата. Контролите утврдиле дека „Евро Млекара“ манипулирала со документацијата за увоз и за складирање на производот, а путерот го чувала во неодобрени објекти – ладилници за складирање храна од животинско потекло.

„Операторот „Евро Млекара“ ДООЕЛ Скопје не е одобрен за солење путер, а реализираниот увоз се однесува на несолен путер. Увезениот свеж путер, мора да се продава како свеж и не смее да се замрзнува по складови и ладилници на – 18 степени целзиусови. Контролите во комората за готов производ на млекарницата почнале на почетокот на месецов откако претходно била вратена од промет една канта солен путер од пет килограми. Со контролата биле пронајдени уште 17 канти од по пет килограми солен путер, сите без декларација. Донесено е решение со кое путерот е прогласен за небезбедна храна и на операторот му е наложено да ги уништи на јавна депонија, што е направено од нивна страна веднаш“, истакна Николче Бабовски.

Спроведената контрола на путерот првично утврдила дека станува збор за увоз од Германија, но од декларациите е констатирано дека има различни датуми на производство и различни датуми на рок на траење.

„Со дополнителна контрола утврдена е манипулација со излезните фактури во кои било наведено дека се дистрибуираат канти со путер од 25, а не од по пет килограми. Поради ова, од страна на официланиот ветеринар е издадено решение за итно отповикување и повлекување на блоковите путер и наредено е веднаш да се стопира продажбата и путерот да се врати во млекарницата. За сторениот прекршок на операторот му се се изрече глоба од 1.500 евра во денарска противвредност поради немање соодветна процедура за следливост. Висината на глобата е одмерена согласно Законот за прекршоците. На  11.03.2021 е утврдено дека доставената документација за увоз на путереот се разликува од првично доставената, односно дека путерот е увезен од Република Турција, а не од Германија“, додава Николче Бабовски.

Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во наредниот период на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници што се продаваат на македонскиот пазар. Случајот пред неколку дена го обелодени вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски преку статус на Facebook.