Поминаа два месеца откако стапи на сила Законот за забрана за употреба на пластични кеси. Министерот за животна средина, Насер Нуредини откри што ќе се прави со собраните средства од ДДВ.
„Поминаа два месеца од законот за плаќање на пластичните кеси кои се биоразградливи. Согласно првите податоци околу тоа колку средства се собрани досега, станува збор за 14.413.019 денари“, вели Насер Нуредини.
Дел од сопствениците на фабриките кои се занимаваат со производство на кеси, пред неколку недели се пожалија на законот. Најавија дека голем број работници ќе останат без работа, па затоа уште еднаш побараа средба во претставници на Владата, но и покрај обидите, како што велат не наишле на разбирање.
„Сите производители беа известени дека ќе дојде до овој закон. Истовремено ние рековме дека ќе ги поддржиме измените за тие да го преиначат своето производство или во торби кои ќе можат да се користат неколкупати или пак во хартиени кеси“, додаде Насер Нуредини.
Инаку, според министерот Нуредини, собраните пари од ДДВ од продажба на биоразградливи кеси ќе се искористат за купување контејнери за селекција на отпад, со што е предвидено намалување на количината на отпадот и нивно рециклирање.
Земјите од ЕУ во 2019-та година се договорија да забранат пластика за еднократка употреба согласно Парискиот договор. Германија беше прва земја која го воведе тоа, а 2021 година беше последен рок.
