Граѓанската иницијатива за одржување референдум против воведување дигитални учебници е отфрлена од собраниските комисии за политички систем и законодавно-правната комисија. Образложението за оваа одлука е дека барањето доставено од групата „Учебници и настава мора да има“ е дека не била во согласност со Законот за референдум, односно потписите не биле доставени до Државната изборна комисија, а обрасците не биле заверени. Драгана Спасевска од граѓанската иницијатива вели дека потписите биле собирани во саботата, за да реагираат брзо против донесувањето на овој закон.
„Искрено се надевавме дека илјадниците граѓани ќе бидат фактор за одлучување по ова прашање. Истите тие граѓани кои беа на протестите ги гласале овие лица да работат во нивна корист и нивен интерес. Ова нема да не спречи да ја истераме постапката до крај и по наложениот административно-технички протокол јавно ние ќе ги објавиме датумите и местата за собирање на потписи“, истакна Драгана Спасевска.
Спасевска реагираше дека на собраниските комисии биле повикани само да ја слушнат одлуката, но дека не им било дозволено да се обратат кога побарале збор. Од оваа иницијатива најавија дека за ова ќе се обратат и до меѓународните институции.
„Ќе се обратиме и до делегацијата на Европската унија и Обединетите нации односно УНИЦЕФ со следен заклучок, граѓаните не прифаќаат европско знаменце на ваков контроверзен и непромислен закон ниту ги прифаќаат финансиските средства од Светска банка за реализација и имплементација на истиот“, додава Драгана Спасевска.
Од оваа иницијатива најавија дека ќе продолжат да организираат протести, а најверојатно следниот протест ќе го одржат на 24 мај на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
