Министерот-претседател на германската покраина Баварија, Маркус Содер денеска побара одржување на заедничка конференција на сојузните и покраинските влади посветена на борбата против ширењето на новиот сој на коронавирусот, омикрон.
– Потребни ни се единствени национални правила за омикрон, посочи Содер.
Тој додаде дека ако не е можно да се одржи седница пред Божиќ, тогаш истата треба да се одржи веднаш по Нова година.
Според него, федералните и покраинските власти не треба да реагираат на брановите на инфекција, туку и да развијат свои идеи и планови, што би вклучувале унифицирана стратегија за вакцинација.
Во Баварија во моментов има 87 сомнителни случаи на омикрон, а инфекцијата со омикрон е потврдена во 39 случаи.
Германскиот Институт за контрола на болести Роберт Кох денеска објави дека во седумдневен период има 375 новозаболени на 100.000 жители, а пред една недела стапката изнесуваше 432.
Во изминатите 24 часа во Германија регистрирани се 30.823 инфицирани лица и 473 смртни случаи, а пред една недела бројот на заболени беше 36.059 и 399 смртни случаи. Од почетокот на пандемијата во Германија од Ковид-19 заболеле 6.562.429 луѓе.
