Софија е на потег да одлучи – предлог за заедничка резолуција на Македонија и Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Софија е на потег да одлучи дали ќе го прифати предлогот на премиерот Мицкоски за заедничка резолуција со Бугарија пред Европскиот парламент за потврда на македонскиот идентитет и јазик.

Министерот Муцунски со став дека иако без официјален документ, предлогот на премиерот е стигнат во Софија, бидејќи тоа било главна тема во медиумите во Бугарија.

„И затоа во моментов Софија е на потег. Да покаже дали ќе одиме напред во 21 век или дали таа ќе стои заглавена во реториката на 19 век. Јас сакам да верувам во разумот, сакам да верувам во прогресивноста на Софија. Знам дека тие се тешки одлуки, но за тоа сме избрани сите да носиме тешки одлуки. И можноста е на страната на Софија да покаже дека ќе застане на страната на прогресот“, вели Тимчо Муцунски.

Премиерот пак појасни дека предлогот бил одговор на темата која што ја отворил бугарскиот претседател Радев, дека за нас немало повеќе услови туку само  промена на уставот и вклучување на Бугарите во него.

„Заеднички преку бугарските европратеници да предложиме резолуција, со која што заедно како соседи ќе го потврдиме македонскиот посебен идентитет, македонскиот посебен јазик, а потоа во знак на добра волја Бугарската држава да ги примени пресудите од Стразбур, кои се однесуваат на човековите права, кои што се ускратени на Македонците во Бугарија, да ја регистрира конечно ОМО Илинден Пирин за да може ОМО Илинден Пирин да предложи свој претставник во Министерскиот совет за заштита на малцинските права во Бугарија“, вели Христијан Мицкоски.

Академската заедница упати остри реакции на предлогот на премиерот Мицкоски. Катица Ќулавкова, член на МАНУ, предлогот  го оцени како „руски рулет“ за Македонија, бидејќи македонскиот јазик е веќе признат факт во науката, политиката и културата. Министерот Муцунски пак со порака, академската заедница  да биде свесна за политичката реалност.

„Академската заедница, на која што и јас сум член, значи јас доаѓам од академската заедница некогаш треба да биде свесна и за политичката реалност. А политичката реалност е дека нашиот сосед и покрај сите овие непобитни факти, го негира нашиот идентитет, ја негира нашата историја и го негира нашиот јазик. И тоа за нас претставува не само ризик туку и пречка. И што велиме ние која е иницијативата на премиерот, дајте да покажеме гест, знак, иницијатива за да ја елиминираме“, вели Тимчо Муцунски.

Муцунски кажа дека експертски тим работи на препораките за акцискиот план добиени од експерти од Советот на Европа. Новата верзија согласно препораките очекува, до крајот на летото да биде доставена до Брисел.