На денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, бранителката на обвинетите Беким Хаџиу и Арлинда Касапи, Софија Лаличиќ, истакна дека нивните клиенти не можеле да предизвикаат пожарот, туку биле одговорни исклучиво за административна обработка на документи во Министерството за економија.
„Фактот што била издадена лиценца за кабаре, иако објектот исполнувал услови за дискотека, не беше во надлежност на Беким и Арлинда да го проверуваат или да го одобрат. Тоа е надлежност на други институции“, рече Лаличиќ.
Таа нагласи дека во описот на нивната работа не било вклучено да контролираат кабли, електрични инсталации, противпожарни апарати или безбедносни излези, туку само да ја обработуваат документацијата доставена до Министерството од други надлежни служби.
„Хаџиу и Касапи немале законско право да вршат надзор над угостителските објекти, ниту да наредат вонреден инспекциски надзор од Државниот пазарен инспекторат“, додаде адвокатката.
Во врска со издадените лиценци, Лаличиќ посочи дека ревизиите на Државниот завод за ревизија не утврдиле забелешки за постапките во Министерството за економија.
„Министерството може да одземе лиценца само ако службите достават документи за утврдени неправилности. Пожарот, блокадата на излезите и присуството на деца не зависат од службеникот кој ја проверува документацијата“, рече Лаличиќ, додавајќи дека доказите ќе покажат кои пропусти навистина довеле до трагедијата.
„Во правото нема ‘верижни пропусти’. Мора да постои непосредна причинско-последична врска меѓу дејствата на службениците и последицата. Обвинетите извршувале административна обработка на документи, додека причините за пожарот биле во надлежност на други“, заклучи Лаличиќ.
