Големиот интерес на медиумите го зачуди амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов.
„11 камери, 11 телевизии.“, коментираше Ангелов.
Иако причината за средбата на амбасадорите на Западен Балкан во Министерството за надворешни работи беше за активностите во рамките на заедничкото претседателство на Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес, сепак никој не праша за тоа!
Целиот фокус беше ставен на спорот Скопје-Софија, но Ангелов не сакаше да зборува многу за тоа.
Во кој дел од Договорот за добрососедство или Преспанскиот, гледате територијални претенции од Република Северна Македонија или Северна Македонија?
„Не, денеска се собравме за Берлинскиот процес, тој е многу важен за изградбата на доверба меѓу двете наши земји.“, рече Ангелов.
Дали има гаранција дека Македонија ќе ги почне преговорите?
„Нашиот фокус денеска е Берлинскиот процес.“, изјави Ангелов.
Колку и да се потруди за да не збори на таа тема, сепак не успеа.
Денеска во Брисел се дебатира за преговарачката рамка, затоа, дали Бугарија ќе се предомисли?

„Бугарија не може да ги смени позициите бидејќи има Декларација во Собрание и Владина одлука, а тоа што се збори во ЕУ е проблем внатре во ЕУ, проблем во Брисел а не наш овде.“, рече Ангелов.
За разлика од амбасадор на Бугарија која настојува, германската амбасадорка во Скопје е полна со оптимизам за почетокот на преговорите и тврди дека ќе направат се што можат.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и РСМ е цел на германското претседавање во областа на проширувањето и се држиме до таа цел. Ќе пробаме се што можеме за тоа да се случи.“, рече Холштајн.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека нема план „Б“, а тоа на албански го кажа и амбасадорката Холштајн.
Нема друг план!
Холштајн: Нема… За нас нема!
Шефот на македонската дипломатија вели дека има прогрес меѓу работните групи, но не кажува конкретно за што.

„Без предрасуди за епилогот на овие разговори, можам да кажам дека тоа што ми дава оптимизам е фактот што сите ние сме свесни за инвестирањето што сме го направиле и за последиците од неуспехот на овој процес.“, рече Османи.
Ова според Османи остава простор за надеж дека ќе се најде храброст за изнаоѓање заеднички јазик меѓу Скопје и Софија.
