Бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов повика да се почитува договореното. Тој информира дека се сретнал со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, со кого зборувал за очекувањата за дијалог меѓу двете земји. Муцунски претходно истакна дека македонските власти чекаат стабилна политичка Влада во Софија, со која би имале дијалог за деблокада на евроинтегративниот процес и за идејата за уставни измени со одложено дејство. Амбасадорот истакна дека новата Влада би била подготвена за дијалог, но не и за нови преговори и информира дека изборите во Бугарија се закажани за 27 октомври.
„Се надеваме дека после тоа ќе имаме една Влада со којашто ќе можеме да влеземе во еден интензивен дијалог. Се разбира, не во преговори, зашто преговори не може да има за она што е веќе договорено. Тоа што е договорено мора да се почитува и да се исполни. Но, ние географијата нема да ја менуваме и си остануваме соседи и ние треба да имаме интензивна комуникација, вклучувајќи ја и Историската комисија“, изјави Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија.
Од друга страна, премиерот Мицкоски најави промена на историчарите во Комисијата, за чија работа даде негативна оценка.
„Актуелната Мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да, логично е кога имате нова Влада да им промени во определени институции“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Комисијата, историчарот Драги Ѓоргиев, за ТВ21 рече дека не би коментирал политички и личен став на премиерот. Тој појасни дека нивните договори истекуваат на 15-ти септември и не знаат дали ќе бидат продолжени, а нова средба на Комисијата, заедно со бугарските историчари, е закажана за 18-ти септември во Скопје.
